Враќањето на ДДВ кон економијата се одвива континуирано, што е потврдено преку податоците на трезорот при Министерството за финансии. Во тек е и процедурата за рефундирање на солидарниот данок кон претпријатијата кои го платија согласно законската регулатива.
Ова го потенцираше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во своето гостување на ТВ 21.
Министерството за финансии денеска објави дека Димитриеска-Кочоска изјавила дека официјалните информации јасно покажуваат како се реализира рефундирањето на ДДВ. “Заклучно со 22 септември 2025 година, вкупниот поврат на ДДВ кон компаниите изнесува 24,850 милијарди денари, додека заклучно со 22 септември 2024 година, повратот на ДДВ изнесува 23,559 милијарди денари. Тоа значи дека имаме повисок износ на поврат за 5,5 отсто или за 1,291 милион денари (20 милиони евра) во однос на минатата година”, изјави министерката за финансии, додавајќи дека ова се проверливи податоци кои треба да се земат предвид.
Таа нагласи дека доколку постојат реакции од одредени компании, веројатно станува збор за компании кои се предмет на инспекции од страна на Управата за јавни приходи, и дека Министерството за финансии нема надлежност да влијае на тоа. “УЈП, со помош од Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и Трезорот на САД, изработи индикатори врз основа на кои утврдува кои компании се поризични и треба да бидат проверени на терен”, додаде таа.
Во текот на гостувањето, министерката за финансии се осврна и на процесот кој е започнат за враќање на финансиските средства кон компаниите кои платиле данок на солидарност. “Постапката за рефундирање на солидарниот данок кон компаниите е во тек. Тоа е процес којшто ние го спроведуваме. Останаа уште неколку компании кои до овој момент не одговориле на прашањето што им го доставивме, а кое во јавноста го комунициравме претходно. Односно, прашањето беше дали се согласуваат со она што Владата го предлага, а тоа е на два пати да се врати солидарниот данок, еднаш во март 2026 и еднаш во март 2027 година. Голем дел од компаниите одговорија и во најголем дел се позитивни и се согласуваат”, изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека враќањето на средствата, кои, како што рече, “на еден нефер начин биле земени”, е приспособено во согласност со можностите на Буџетот, и притоа им се заблагодари на компаниите за прифаќањето на понудениот предлог.