Речиси 190.000 евра бруто месечно изнесува највисоката плата исплатена во Македонија во текот на 2025 година, покажува извештајот на Управата за јавни приходи (УЈП). Според податоците, рекордниот износ е исплатен на лице вработено во секторот за вадење камен јаглен.
На годишно ниво, оваа плата надминува 2,2 милиони евра бруто, а во споредба со највисоката плата во претходната година е повисока за околу два проценти. Податоците покажуваат дека сите пет највисоки годишни плати во земјава надминуваат по два милиони евра бруто, а заедничко за нив е што сите се исплатени во Скопје.
Меѓу секторите во кои се исплатени овие исклучително високи примања се аптекарската дејност, трговијата со тутун, храна и пијалаци, болничката дејност, како и трговијата со фармацевтски производи.
Но, високите примања не завршуваат само со редовните плати. Значителни суми биле пријавени и како дополнителни приходи, надвор од платата.
Скопјанец пријавил речиси два милиони евра дополнителен приход
Највисок дополнителен приход, кој не произлегува од плата, пријавил жител на Скопје. Според податоците на УЈП, ова лице во текот на минатата година остварило нешто помалку од два милиони евра бруто приход на годишно ниво.
Во првите пет највисоки дополнителни приходи се наоѓаат уште три годишни износи што надминуваат еден милион евра, како и еден приход во висина од 42 милиони денари.
Високи суми се евидентирани и кај приходите од дивиденди. Најголем износ по овој основ пријавил жител на Гевгелија, кој во текот на 2025 година добил повеќе од четири милиони евра. Слична сума пријавил и жител на Охрид.
Зголемен бројот на годишни даночни пријави
Извештајот на Управата за јавни приходи покажува дека во текот на 2025 година биле изготвени вкупно 863.100 годишни даночни пријави.
Ова претставува зголемување за речиси 83.000 пријави во споредба со 2024 година, односно раст од 10,6 проценти.
Во истиот период е забележан раст и на утврдениот бруто-приход, кој е зголемен за 74,1 милијарди денари, што претставува пораст од 13,8 проценти.
Зголемување има и кај утврдениот данок на личен доход. Неговиот износ е повисок за 4,9 милијарди денари во споредба со претходната година, односно за 13,9 проценти.
Податоците на УЈП така покажуваат раст и на бројот на поднесени годишни даночни пријави и на вкупните приходи врз основа на кои се утврдува данокот на личен доход.