Францускиот премиер Себастиен Лекорњу, назначен на 9 септември, соопшти дека нема да воведе повторно данок на богатство и нема да ја суспендира пензиската реформа – два клучни барања на социјалистите.

Во интервју за Le Parisien, Лекорњу рече дека неговата цел е буџетскиот дефицит во 2026 година да изнесува околу 4,7% од БДП, во споредба со прогнозирани 5,4% годинава. Тоа е речиси идентично со таргетот на неговиот претходник Франсоа Бајру, кој беше сменет од парламентот поради предлог за буџетски рез од 44 милијарди евра.

„Буџетот ќе биде во рацете на парламентот. На крајот, тоа нема да биде буџет на Лекорњу, туку компромис,“ изјави премиерот, нагласувајќи дека целта е постигнување консензус.

Сепак, ситуацијата е комплицирана: партијата на претседателот Емануел Макрон нема мнозинство и мора да бара поддршка од конзервативците и социјалистите. Отфрлањето на данокот на богатство и на замрзнувањето на пензиската реформа дополнително го отежнува процесот.

Лекорњу предупреди дека доколку не се усвои буџет до крајот на годината, дефицитот може да достигне 6%. Сепак, тој оцени дека пазарите немаат причина за паника и дека „ММФ не е на прагот на Франција“.

Влијание врз пазарите

Иако планот за дефицит од 4,7% е релативно стабилен сигнал кон инвеститорите, политичката неизвесност и можноста парламентот повторно да собори премиер претставуваат ризик. Одлуката да не се воведе данок на богатство може да биде позитивна за приватниот сектор, но го намалува просторот за брзо подобрување на јавните финансии.