Конзорциум од девет водечки европски банки – меѓу кои се ING и UniCredit – соопшти дека основа нова компанија со седиште во Холандија, чија цел е лансирање на дигитална валута врзана за еврото, т.н. „euro stablecoin“, односно „стабилна дигитална валута врзана за еврото“. Новата компанија ќе биде под надзор на Централната банка на Холандија, а се очекува во наредните месеци да биде именуван и генерален директор.

Во иницијативата покрај ING и UniCredit учествуваат и Banca Sella, KBC, Danske Bank, DekaBank, SEB, CaixaBank и Raiffeisen Bank International, а банките наведуваат дека во иднина би можеле да се приклучат и други финансиски институции. Како што истакна Фиона Мелроуз, шефица на стратегија во UniCredit, целта е да се развие доверливо и регулирано решение за дигитални плаќања и порамнувања во Европа, кое ќе отвори пат кон нов стандард во областа на дигиталната имовина, ќе го поддржи економскиот раст и ќе придонесе за финансискиот суверенитет на континентот.

Стејблкоините се дигитални токени осмислени да ја одржуваат стабилната вредност, обично врзана за традиционални валути како американскиот долар или еврото. За разлика од криптовалутите чија цена често значително варира, стејблкоините нудат предвидливост и помала волатилност, што ги прави погодни за секојдневни плаќања и поширока употреба во финансискиот систем.

Со овој потег европските банки сакаат да фатат чекор со глобалните трендови, бидејќи бројни американски компании веќе развиваат стејблкоини врзани за доларот, додека Европската централна банка работи на проектот дигитално евро. Формирањето на заедничката компанија претставува обид европскиот банкарски сектор да ја намали зависноста од американските технолошки гиганти и да воспостави сопствен, регулиран систем за дигитални плаќања.