Вредноста на акциите во рацете на американските домаќинства достигна историски рекорд, но сè поголемата зависност од берзата отвора прашања за ранливоста на личните финансии во случај на нагол пад на пазарот.

Според податоците на Федералните резерви, директните и индиректните вложувања во акции – вклучувајќи инвестициски фондови и пензиски планови – сочинуваат дури 45% од вкупниот финансиски имот на американските домаќинства во вториот квартал, што е најмногу досега.

Иако рекордните цени на акциите го зголемуваат богатството на граѓаните и им овозможуваат на поширок круг луѓе да профитираат од растот на корпоративна Америка, експертите предупредуваат дека тоа во исто време значи и поголема изложеност на потенцијален пад на пазарот, пренесува Biznis.ba.

„Балон“ потсетува на дот-ком ерата

Економистот Џон Хигинс од Capital Economics потсетува дека уделот на акции во сопственост на Американците денес е поголем отколку кон крајот на 1990-тите, непосредно пред пукањето на дот-ком балонoт.

Тоа треба да биде аларм за инвеститорите, дури и ако растот поттикнат од ентузијазмот околу вештачката интелигенција потрае уште некое време“, наведува Хигинс.

S&P 500 индексот од април скокна за 33%, а од почетокот на годината за 13%, бележејќи дури 28 рекорди во 2025 година.

Големите технолошки компании – т.н. „Magnificent Seven“ (Alphabet, Amazon, Apple, Meta, Microsoft, Nvidia и Tesla) – се одговорни за 41% од вкупните годинешни добивки на индексот. Меѓутоа, нивната доминација значи дека инвеститорите сè повеќе зависат од успехот на мал број гиганти.

Странските инвеститори исто така на рекордно ниво

Не станува збор само за американските домаќинства – според податоците на ФЕД, и странските вложувачи држат најголем удел во американските акции во историјата.

Историјата, сепак, покажува дека рекордните нивоа на сопственост често претходат на пониски приноси и ја зголемуваат веројатноста за пад, предупредува Роб Андерсон од Ned Davis Research.

И додека берзата руши рекорди, сè повеќе се зборува за појавата на „К-обликувана економија“. Најбогатите Американци, чие богатство е силно врзано за акции, забрзано го зголемуваат својот имот, додека оние кои зависат од плата чувствуваат стагнација и инфлаторни притисоци.

Податоците на Moody’s Analytics покажуваат дека најбогатите 10% од граѓаните (со годишни приходи над 353.000 долари) сочинувале речиси половина од потрошувачката во САД во вториот квартал – што е рекорд од 1989 година.

Ризик за економијата во целина

Според зборовите на Кевин Гордон од Charles Schwab, растот на берзата во моментов ја стимулира потрошувачката, но спротивното важи во случај на подолготраен пад:

Ако дојде до посериозен колапс, тоа би можело да ги погоди не само побогатите домаќинства кои сега ја носат економијата, туку и вкупното расположение на потрошувачите“, предупредува Гордон.

Американската берза изгледа незапирлива благодарение на еуфоријата околу вештачката интелигенција и доминацијата на технолошките гиганти, но историските податоци и сè поголемата зависност од акции укажуваат дека следниот пад би можел да има многу пошироки и подлабоки последици отколку пред само една деценија.