Во август 2025 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 4,90% и е намалена за 0,01 п.п. и 0,54 п.п. на месечна и на годишна основа, соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните депозити бележи месечен пад од 0,02 п.п., при годишен раст од 0,23 п.п. и изнесува 2,19%.

– Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август е повисока на месечна основа и изнесува 4,48%, додека на годишна основа е намалена кај новопримените депозити изнесува 2,06% – соопштија од Народната банка.

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата во август изнесува 5,27%. Промената во целост се должи на намалените каматни стапки на денарските кредити без валутна клаузула, додека каматните стапки на останатите категории кредити се непроменети. Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е пониска за 0,39 п.п. на годишна основа.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, овој месец, изнесува 4,68%. Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 2,14%. Споредено со август претходната година, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е зголемена за 0,21 п.п.

– Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата во август, изнесува 2,18% и бележи пад од 0,15 п.п. на месечна основа. Надолната промена се должи на падот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,14 п.п. и 0,06 п.п., соодветно). Овој месец, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Годишниот пад на оваа каматна стапка изнесува 0,58 п.п. – велат од Народната банка.