Потрошувачките цени во Хрватска во септември се повисоки за  4,2 отсто во споредба со истиот месец минатата година, со што повторно ја забрза инфлацијата на годишно ниво. Податоците на Евростат покажуваат дека инфлацијата во Хрватска во деветтиот месец била меѓу највисоките во еврозоната.

Државниот завод за статистика ја објави првата проценка на индексот на потрошувачки цени, според која во септември 2025 година, стапката на инфлација изнесувала 4,2 отсто во споредба со септември 2024 година, додека во споредба со претходниот месец, односно август оваа година, цените се зголемиле за 0,4 проценти.

Инфлацијата во Хрватска  во јануари беше 4 отсто,  3,7 отсто  во февруари и 3,2 отсто  во март и април, достигнувајќи 4,1 отсто во јули. Во август, таа исто така изнесуваше 4,1 отсто.

Според главните компоненти на индексот, проценетата годишна стапка на инфлација за услугите е шест отсто, за групата за храната, пијалоците и тутунот се 5,6 отсто и енергијата за 4,5 отсто.

Според првата проценка објавена денес од Евростат, годишната стапка на инфлација во септември мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) во Хрватска изнесувала 4,6 отсто, додека на месечна основа, во споредба со август оваа година, цените на стоките и услугите биле во просек пониски за 0,6 отсто.

Гледано на годишно ниво, Хрватска беше меѓу земјите со највисока инфлација во деветтиот месец. Словачка забележа иста стапка како и Хрватска, додека повисока инфлација е регистрирана само во Естонија, од 5,2 отсто.

Во целата еврозона, просечната годишна стапка на инфлација во септември изнесуваше 2,2 проценти, пренесува Индекс.хр.