Иако традиционалната манифестација „Преспански јаболкобер 2026“официјално започна во септември, повеќето овоштарници во Преспа деновиве се празни. Наместо масовна берба, во регионот владее молк и револт.

Повеќето  јаболкопроизводители ја запреа бербата, децидни се  дека понудените откупни цени од страна на трговците не ги покриваат ниту основните трошоци за работа, фрлајќи го македонскиот бренд во директна загуба. Годинашните откупни цени бележат евидентен пад: конзумното јаболко се нуди за 15 денари за разлика од лани 25–30 ден.додека индустриското падна на 4 денари (лани 10–11 ден.). Со производна цена од околу 10 денари по килограм, земјоделците работат во длабока загуба.

Работите дополнително ги комплицира и скапата работна сила. Дневниците за сезонските работници достигнуваат и до 50 евра, односно 3.000 денари. За да плати само еден берач дневно, овоштарот мора да набере и продаде дури 750 килограми индустриско јаболко — без во тоа да се пресметаат растечките трошоци за гориво, заштитни средства и транспорт

Овој ценовен удар доаѓа во една од најтешките години за Преспа, откако силниот пролетен мраз претходно веќе го преполови вкупниот род.

Дополнителен товар се и парите што земјоделците сè уште ги чекаат од државата. Посочуваат дека не им се исплатени дополнителните 2 денари по килограм за предаденото јаболко од реколтата 2024. Бараат итна исплата на заостанатиот долг, но и итна интервентна мерка од 3 до 5 денари по килограм за да се спаси реколтата.Од Министерството за земјоделство велат дека постапката за заостанатите субвенции е во тек и сите што ги исполнуваат условите ќе ги добијат парите. Во однос на откупната цена, од ресорот порачуваат дека таа е пазарна категорија и државата не може административно да ја утврдува.