Делегацијата на германското стопанство во земјава (АХК) утрово, преку телеграма укажа дека Македонија влегува во енергетска криза бидејќи во моментов троши двојно повеќе електрична енергија отколку што произведува, поради што црпи струја од европската мрежа за да ги задоволи дневните потреби.

Државниот оператор за пренос на електрична енергија, МЕПСО, досега доби четири предупредувања за ненајавен упад во европската мрежа. Поради тоа Владата во вторникот прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена. Македонските производни компании се загрижени поради претстојната енергетска криза, но и поради последиците кои ќе ги предизвика недостигот на струја, информира директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс.