Министерот за финансии Фатмир Бесими со поранешните министри за финансии, заеднички покренаа иницијатива за формирање Совет како експертско тело кое ќе биде дел од Скопје економски и финансиски форум (СЕФФ) и во чии рамки ќе се разгледуваат актуелни прашања и теми за коишто е потребен консензус во општеството.

Иницијативата произлегла од средбата на министерот Бесими со поранешните министри за финансии од осамостојувањето на државата, на која присуствуваа Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Зоран Ставрески, Трајко Славески и Кирил Миноски. Останатите поранешни министрикои од објективни причини не присуствуваа на денешшната средба, исто така ќе бидат дел од Советот.

Советот на поранешни министри за финансии ќе претставува тело кое ќе функционира како дел на СЕФФ и истиот ќе биде активен во текот на целата годината за прашања и теми важни за економскиот развој на земјата. Улогата на Советот е да даде солидна основа на Форумот во градењето кредибилни економски политики преку инклузивен и транспарентен процес. Тоа ќе биде пред се тело на експертско ниво во кое искуството и знаењето на неговите членови ќе претставуваат додадена вредност во креирањето на политиките.

На средбата на министерот Бесими со поранешните вршители на оваа функција, се разменија мислења за економските перспективи, но и за актуелните прашања, како и предизвици кои произлегуваат од пандемијата со Ковид-19, енергетската криза, притисокот на цените на светската берза, но и за потребата за раст на економијата, стои во соопштението.