Американската сенаторка Елизабет Ворен во понеделникот предложи воведување на посебен данок за многу богати домаќинства и поединци во САД, а според пресметките на Блумберг, повеќе од 78 милијарди долари од првите 100 американски милијардери ќе се влеваат во државната каса.

Со нацрт-законот, популарно наречен Закон за даноци за ултрамилионери, Ворен ги продолжи напорите да ја реализира идејата што беше централна карактеристика на нејзината претседателска кампања во 2020 година.

Предлогот предвидува годишен данок од 2,0 проценти за домаќинства и физички лица чија нето вредност е помеѓу 0,5 и 1 милијарда долари и данок од 3,0 проценти за нето вредност над една милијарда долари.

Покрај тоа, даночната стапка на нето-богатството од над 1 милијарда американски долари би се зголемила на 6,0 проценти доколку биде усвоена програмата Медикер за сите.

Блумберг проценува дека предлогот на Ворен нема шанси да помине во поделениот Конгрес.

Според анализата на агенцијата од Њујорк, сопственикот на Амазон и најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, би се соочил со дополнителна даночна обврска од најмалку 5,4 милијарди американски долари во 2021 година, доколку се донесе ваков закон, додека сопственикот на Тесла, Елон Маск би платил 5, 2 милијарди долари повеќе.

Данокот би го чинел Бил Гејтс дополнителни 4,0 милијарди долари, а Марк Цукербер би платил повеќе од 2,9 милијарди долари, се додава информацијата.