„Во економијата, во финансиите и бизнисот нема половични решенија, во случајов, или владата ќе плати за гас, или ќе ги остави радијаторите студени! Се друго е евтин партиски пи ар, политички купи ден – продај во време на актуелна кризна состојба заради лукративност и неспособност“, рече на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ Стевче Антовски член на партиската комисија за енергетика.

Според Антовски, како и за струјата, така и за парното греење власта нуди половични решенија.

„Барајќи од општините и градот Скопје да плаќаат за да го спасуваат парното во Скопје, уште еднаш покажаа дека се целосно изгубени од реалноста. Ги потсетуваме, тоа се истите општини и градот Скопје, кои СДСМ поради неспособност да ја решат енергетската криза, ги втурнаа во банкрот“, рече тој и додаде дека власта од Буџетот ќе испумпа 200 милиони евра за компанијата АД ЕЛЕМ.

„Ги заборавија и општините и компаниите и сите оние кои се на слободниот пазар, иако прогласија енергетска кризна состојба до јуни 2022 година. Ама за да им бараат пари на општините и градот Скопје, не ги заборавија“, нагласи Антовски и оцени дека се потребни парламентарни избори што поскоро затоа што, како што рече, со ваква власт се уништува енергетиката во Македонија во секој сегмент.