Државата за шест години исплатила речиси 64,4 милиони евра по основ на судски постапки од работни спорови, покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија. Речиси половина од исплатената сума не се однесува на главниот долг, туку на камати и трошоци на парничните и извршните постапки.

Според податоците собрани од институциите што ги застапува Државното правобранителство, во периодот 2020–2025 година биле исплатени вкупно 3,97 милијарди денари, односно околу 64,4 милиони евра. Од оваа сума, 2,05 милијарди денари, или 51,61 отсто, се однесуваат на главниот долг. Дополнителни 1,92 милијарди денари, односно 48,39 отсто, се исплатени за камати, трошоци на парничната постапка и извршни трошоци.

Најголемиот дел од обврските, дури 95,36 отсто, биле исплатени преку налози за извршување, додека само 4,64 отсто биле доброволно платени. Ревизорите утврдиле дека финансискиот товар врз Буџетот не е само последица на самите изгубени работни спорови, туку и на слабости во начинот на кој државните институции ги управуваат овие постапки.

Бројот на предметите речиси тројно зголемен

Проблемот, според ДЗР, се продлабочува и со континуираниот раст на бројот на работните спорови. Во 2021 година во работа имало 9.361 предмет, додека во 2025 година бројот достигнал 24.556 предмети.

Тоа значи дека за четири години бројот на предметите во работа се зголемил за повеќе од два и пол пати. Ревизијата имала цел да утврди дали надлежните институции имаат воспоставено ефикасни механизми за управување со работните спорови и дали преземаат мерки за намалување на нивните финансиски последици врз државниот буџет.

Заклучокот на ревизорите е дека државата нема воспоставено ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови. ДЗР констатирал дека во најголем дел од институциите нема системски пристап за следење и анализа на причините поради кои вработените поведуваат работни спорови, ниту, пак, се анализира исходот од тие постапки.

Дополнително, ограничена е примената на алтернативните начини за решавање на споровите. Ревизорите укажуваат и на проблеми во законската и подзаконската регулатива. Според извештајот, таа не обезбедува целосно усогласен и функционален систем за управување со работните спорови, а недореченостите и неусогласеностите овозможуваат различни толкувања и нееднаква примена на прописите.

Во исто време, не постојат системски механизми преку кои би се анализирале причините за појавата на работните спорови и врз основа на тие анализи би се иницирале измени на законската рамка. Правобранителството најчесто реагира откако спорот веќе е започнат

Државното правобранителство, според ревизијата, претежно има реактивна улога – го застапува државниот орган кога веќе е поведена судска постапка. Ревизорите оценуваат дека не е доволно развиена неговата превентивна и советодавна функција, која би можела да придонесе кон спречување на дел од споровите уште пред тие да стигнат до суд.

Дополнителен проблем е начинот на евидентирање на предметите и извршувањето на плаќањата. Според ДЗР, постојниот систем не обезбедува доволно аналитички и структурирани податоци за целосно следење на вкупните обврски и нивната структура. Поради тоа, ограничена е и можноста државата навремено да ги идентификува и управува финансиските ризици од работните спорови.

ДЗР бара системско решение

Државниот завод за ревизија препорачува воспоставување ефикасен систем за управување со работните спорови, подобрување на законската рамка, унапредување на евиденцијата и аналитичкото следење на предметите и зајакнување на механизмите за управување со финансиските последици.

Практично, ревизорите укажуваат дека државата не треба само да ги плаќа пресудите откако ќе ги изгуби споровите, туку да воспостави механизми преку кои ќе се утврдува зошто споровите се појавуваат, кои институции најчесто ги губат и колку државата дополнително плаќа поради камати и трошоци.

Само во периодот 2020–2025 година, овие дополнителни трошоци достигнале 1,92 милијарди денари, односно околу 31,1 милион евра.