Јапонија и Велика Британија денеска во Токио потпишаа договор за слободна трговија, кој ќе стапи на сила на крајот од тековниот пост-брегзит транзициски период.

Договорот го потпишаа јапонскиот министер за надворешни работи Тошимитсу Мотеги и британската министерка за меѓународна трговија Лиз Трус и треба да стапи на сила на 1 јануари, откако Велика Британија ќе престане да биде обврзана со трговските правила со ЕУ. Договорот допрва треба да биде ратификуван од парламентите на двете земји.

Британско-јапонскиот Сеопфатен договор за економско партнерство (ЦЕПА) е договорен минатиот месец, а Велика Британија го поздрави како прв голем трговски договор по официјалното напуштање на Европската унија.

Договорот треба да ја засили британската трговија со Јапонија на околу 15,2 милијарди фунти, соопшти британската влада минатиот месец. Договорот во поголема мера одговара на постојниот договор за слободна трговија меѓу Јапонија и ЕУ.

Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари и влезе во транзициски период до крајот на оваа година, за време на кој сè уште припаѓа на единствениот европски пазар и царинска унија.

Додека јапонските компании го поздравуваат договорот, тие исто така покажуваат загриженост дали Лондон навистина ќе успее да преговара договор со ЕУ за периодот по транзицискиот период.