Сирискиот претседател Башар ал Асад денес издаде декрет со кој се зголемуваат платите на стотици илјади државни службеници и припадници на армијата за 50 проценти.

Асад ја донесе оваа одлука во време на тешка економска и финансиска криза и зголемени цени на основните производи во таа земја.

Тој донесе одлука за зголемување на платите еден ден откако државата ја удвои цената на лебот и ја зголеми цената на дизел горивото за 180 проценти, посочува АП.

Указот, објавен од кабинетот на Асад, предвидува минималниот месечен приход да биде 22 долари.

Со него се одобрува зголемување на пензијата за 40 проценти и за воените и за цивилните пензионери.

Сириската економија е сериозно погодена од десетгодишната војна, западни санкции, широко распространета корупција и тешката економска и финансиска криза во соседен Либан.

Претходното зголемување на платата беше објавено во ноември 2019 година.