Кина има големи шанси да ја удвои големината на својата економија до 2035 година и да ги надмине Соединетите Држави како најголема економија во светот, изјави економистот на Банката на Америка (BofA), Хелен Кјао.
Додека Кина сака да стане напредна земја, кинескиот претседател Си Џинпинг неодамна изјави дека е можно двојно да се зголеми бруто домашниот производ и приходот по глава на жител до 2035 година.

Двојното зголемување на кинескиот БДП бара просечна годишна стапка на раст од 4,7 проценти во следните 15 години – нешто што според некои набљудувачи е тешко да се постигне, пренесе СЕЕбиз.

Хелен Кјао, раководител за азиската економија во одделот за Глобално истражување во Банката на Америка, вели дека некои реформски мерки ќе ѝ помогнат на Кина да го постигне тоа.

„Сметаме дека Кина може да го реализира тоа“, рече таа за Си-Ен-Би-Си во петокот.

Освен штто ќе го зголеми двојно својот БДП, азискиот економски гигант би ги надминал САД како најголема светска економија во 2027 или 2028 година, предвидува Кјао.

Кина беше една од ретките економии на глобално ниво што растеше во 2020 година и покрај предизвиците на пандемијата на корона вирусот.

Официјалните податоци покажуваат дека кинеската економија минатата година пораснала за 2,3 проценти, а Меѓународниот монетарен фонд за Кина годинава прогнозира раст од 8,1 отсто.

Во меѓувреме, економијата на САД се намали за 3,5 проценти во 2020 година, според најновите проценки на владата. ММФ соопшти дека економијата на САД годинава може да порасне 5,1 отсто.