Банката на Англија ги претстави банкнотите со ликот на британскиот крал Чарлс Трети. Имено, ликот на британскиот монарх ќе го има на банкнотите од пет, десет, дваесет и педесет фунти. Освен ликот на кралот Чарлс, нема да има промени на постоечкиот дизајн на парите, соопшти Банката на Англија.

Се додава дека ликот на кралот ќе се најде на аверсот на банкнотата, но и на малиот проѕирен безбедносен печат.

„Многу сум горд што Банката го претставува дизајнот на нашите нови банкноти кои ќе го носат ликот на кралот Чарлс Трети. Ова е значаен момент, бидејќи кралот е вториот монарх што се појавува на нашите банкноти“, изјави Ендрју Бејли, гувернер на Банката на Англија.

Банката на Англија посочи дека се очекува новите банкноти да бидат пуштени во оптек кон средината на 2024 година, а во употреба ќе бидат и сите банкноти со ликот на кралицата Елизабета Втора, која почина во септември годинава.

Кралицата Елизабета Втора беше првиот британски монарх што се појави на банкнотите на фунтите, а банкнотите издадени во Шкотска и Северна Ирска не го прикажуваат монархот.

Монетите од 50 пени со ликот на кралот Чарлс веќе беа пуштени во оптек на почетокот на декември.