Банките ширум светот се соочуваат со вкупна загуба од кредити во вредност од 2,1 трилион долари (1,66 трилиони фунти) до крајот на 2021 година како последица на кризата од коронавирусот, анализира рејтинг агенцијата „S&P Global“, пренесува „Ројтерс“. Според анализата на агенцијата за кредитен рејтинг, загубата оваа година ќе достигне 1,3 трилиони долари, што е повеќе од двојно од нивото од 2019 година.

Околу 60% од загубите најверојатно ќе бидат во азиско-пацифичкиот регион, иако најголемиот релативен пораст, (ќе биде двојно поголем отколку во 2019 година), ќе се случи во Северна Америка и Западна Европа, соопшти „S&P Global“.

„Проценуваме дека најголемите 200 банки учествуваат со околу две третини од кредитирањето на глобално ниво. За 2020 година, веруваме дека кредитните загуби за овие банки ќе апсорбираат околу 75% од нивниот профит пред резервите. Според нашето основно сценарио, овој сооднос ќе се подобри за околу 40% во 2021 година” – се вели во извештајот.

Азиско-пацифичкиот регион се очекува да достигне 1,2 трилион долари загуби во 2021 година, од кои три четвртини ќе бидат регистрирани во Кина.

Од аспект на потрошувачки кредит, кинескиот банкарски систем е со иста големина како комбинираните банкарски системи во САД, Јапонија, Германски и Британија и обично игра поважна улога во снабдувањето на економијата со кредити.

Регионите во Северна Америка се очекува да бидат погодени со дополнителни 366 милијарди американски долари од зголемувањето, по што следеа 228 милијарди американски долари во Западна Европа, 142 милијарди американски долари во Источна Европа, Блискиот исток и Африка и 131 милијарди американски долари во Латинска Америка.

„Доколку пандемијата со вирусот Ковид-19 се покаже како полоша од првичните проценки или трае подолго од предвидената економска прогноза на „S&P Global“, комбинацијата на повисоки загуби од кредити и пониската добивка неизбежно ќе ги погоди банките низ целиот свет“, се вели во извештајот на агенцијата за рејтинг.