Мерката „гарантирана цена“ најверојатно ќе продолжи во маркетите низ земјата најмалку уште еден месец, односно и во текот на јануари.Замрзнатите цени на дел од основните прехранбени производи ќе се применуваат додека не биде изгласан од страна на Собранието Законот за нефер трговски практики кој минатата недела, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата.

Ова денеска го најави министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.

Одлуката за “гарантирана цена“ е предвидено да заврши на 31 јануари, односно до крајот на годината, за што министерот Бектеши најави дека на следната седница на Владата, согласно анализите ќе предложи истата да се продолжи најмалку уште еден месец.

“Денеска со секторот за трговија ќе го имаме финалниот состанок и согласно податоците кои ги видовме, ќе продолжи мерката најмалку за еден месец, бидејќи нема да може Законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година. Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за гарантирана цена и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои Законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари, кажа министерот Бектеши и додаде дека конечната одлука за загарантираните цени ја носи Владата по предлог на Министерството за економија.