Листата на производи коишто ќе се оданочуваат со 10 проценти треба да ја изготви Министерството за финансии, а пред да се донесе од страна на Владата ќе бидат консултирани стопанските комори и организациите за заштита на потрошувачите, а се во интерес на граѓани, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција за новиот Буџет на Министерството за 2023 година заедно со премиерот Димитар Ковачевски. Тој при тоа нагласи дека од Министерството за економија се вклучени целосно во овој процес и имаат свои претставници.

Тоа е работа на Министерството за финансии. Денеска сакам да повторам дека основните прехранбени производи ќе почнат да се оданочуваат со 5 отсто, но и таму треба да имаме предвид дека одредени производи во нашата држава, кои се луксузни, веќе се оданочуваат со 5 отсто. Листата пред да биде конечна и да се донесе од страна на Владата секако дека е дадена во консултација со стопанските комори, а посебно со тие организации за заштита на потрошувачите и на граѓаните во целина се со цел заеднички да направиме листа која ќе биде во интерес на нашите потрошувачи, на нашите граѓани во нашата држава. Мислам дека во наредните две недели би ја имале драфт листата која ќе биде споделена со сите засегнати страни, рече Бектеши на новинарско прашање кога ќе биде обајвена листата на производи кои ќе се оданочуваат со 10 проценти.  

Во однос на замрзнувањето на маржите, кои се во функција на стабилизација на цените, Бектеши додаде дека таа одлука ќе продолжи да важи до крајот на април до кога е прогласена енергетската криза од страна на Владата и Собранието, а доколку има потреба ќе бидат донесени и дополнителни мерки.  

 Согласно податоците кои ги добиваме ние како Министерство за економија, веќе се стабилизираат цените, посебно на основните прехранбени производи. Како што наведов, одлуката во делот на утврдување на маржите ќе продолжи до крајот на април. Ако е потребно секако дека имаме простор да донесеме дополнителни мерки, но најважно од се е дека веќе некои ланци на супермаркети ја добиле пораката од Владата и почнуваат и сами да ги замрзнуваат цените за да не се воведеме ние во ситуација како Влада да ги замрзнеме бидејќи ние сме за пазарна економија, а секако дека пазарот треба да ги утврди цените, а цените да бидат во интерес на граѓаните. Каде што ќе има злоупотреби знаете дека речиси сме лидери во регионот во носење на вакви мерки, вели Бектеши.