Членови на Владата размислуваат да ги повлечат предлог-законите за новата когенеративна централа во Железара која што треба да ја гради грчки Митилинеос, за кој е предвидено да добие повеќе видови на државна помош.

-Има таков предлог на владината седница. Околу предлогот за дотичната компанија е преговарано 2,5 години. Има 10 записници во кои што сите институции се вклучени. Ќе видиме на самата седница на Владата. Прашањето дали е многу или малку, не е тоа што го дефинираме. Одлуките на Влада се колективни и заеднички. Не сакам да се изјаснам се додека не отидам на матичната Комисија во Собрание. Собранието е највисокиот законодавен акт кој што треба да постапи, кажа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на прес-конференција во Владата.

Здружението на инженери на Македонија реагира дека реалната пазарна цена на гасната електрана Митилинеос чини околу 180 -190 милиони евра за предвидените максимални 165 мегават-часа електрична моќност, а секако не чини 290 милиони евра како што е наведено во Предлог законот.

Со овој предлог се предвидува државата да ѝ даде 50 милиони евра на грчката компанија Митилинеос како директна финансиска поддршка, без државата да добие удел во централата која ќе се гради во скопска Железара, а дополнително се обврзува да ја купува произведената електрична и топлинска енергија. Вицепремиерот Битиќи уште претходно уверуваше дека топлинската енергија ќе се купува за 40% поевтино од таа на берза, а струјата која ЕСМ ќе ја купува по утврдена формула ќе биде поевтина за 5% од берзанската.