Се прават последните пресметки колкаво да биде зголемување на цената на струјата по Нова година. Од Регулаторна молчат – од Владата уверуваат – нема да биде драстично како што некои сакаат да прикажат. Вицепремиерот Битиќи во интервју за Миа вели –  струја е обезбедена, рестрикции нема да има, а цената ќе остане најниска во регионот.

– Нема да има рестрикции на струја по Нова година. Ќе има доволно количество на електрична енергија, а поскапувањето нема да биде како што некои сеат страв кај граѓаните, порачува вицепремиерот за економски прашања, координација со економските сектори и инвестиции Фатмир Битиќи во предновогодишното видео интервју за МИА.

Барањата од енергетските компании веќе се доставени до Регулаторна.

„Во тек се детални и системски анализи што РКЕ ги прави на поднесените барања од енергетските компании, што подразбира длабинска проверка на секоја пријавена ставка на трошоци. Паралелно се проверуваат вкрстено механизмите кои РКЕ прв пат ќе ги активира поради енергетската криза со цел заштита на потрошувачите,” велат од Регулаторна. Со проценти, додека не се завршат анализите, нема да лицитираат.

Инаку, и од власта и од Регулаторна потврдија дека се разгледуваат неколку опции  за да не биде поскапувањето драстично –  укинување на евтината дневна тарифа, укинување на дел од профитната маржа на енергетските компании и третата опција е укинување на трошоците за обновливи извори, кое секое домаќинство ги плаќа во сметките за струја. И додека се чека новата цена, од државната ЕСМ вчера најавија дека ќе штедат, со праќање на дел од вработените на принуден одмор. Колку лица ќе заминат дома, најверојатно ќе се знае по Нова година, а според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе бидат кадри кои немаат партиска книшка од власта. Опозицијата го обвинува директорот Ковачевски, кој, според нивните сознанија, додека барал списоци за принуден, истиот ден потпишил заклучок со кој бара од 1 јануари да се ангажираат лица преку агенцијата за привремени вработувања.