Биткоин, етер и другите криптовалути забележаа силен раст откако американскиот претседател Доналд Трамп го повика Конгресот да го усвои законот „Clarity Act“, кој се очекува да создаде поповолна регулаторна рамка за криптоиндустријата.
Позитивното расположение на пазарот дополнително беше поттикнато од изјавите на Трамп за поддршка на секторот, како и од неговите најави поврзани со купување значителни количини биткоин.
Трамп се осврна и на можноста за регулирање на децентрализираната берза Hyperliquid, која станува сè попопуларна меѓу трговците со таканаречени „perpetual futures“. Токенот Hyperliquid по овие изјави порасна за околу 20 отсто во период од 24 часа, според податоците на CoinGecko.
На растот на криптопазарот влијаеше и падот на приносите на американските државни обврзници. Американското Министерство за финансии најави значително зголемување на откупот на 20-годишни и 30-годишни обврзници, што ги намали приносите и ја зголеми привлечноста на поризичните средства, меѓу кои и биткоинот.
Тргувањето со iShares Bitcoin Trust ETF исто така нагло се зголеми и беше повеќе од 4,5 пати над просекот во последните 30 дена.
Според Џефри Кендрик, глобален директор за истражување на дигитални средства во Standard Chartered, инвеститорите сега треба да се подготвуваат за можност биткоинот да достигне 100.000 долари до крајот на 2026 година.
Силните движења на пазарот предизвикаа и масовно затворање на кратките позиции. Според Томас Ли, коосновач и директор за истражување во Fundstrat, станува збор за второто најголемо ликвидирање на „short“ позиции во историјата.
Етер во изминатите седум дена поскапе за околу 19 отсто и достигна цена од 2.251 долар, што го донесе на највисоко ниво во последните три месеци.
Биткоинот претходно околу шест недели се движеше во релативно тесен опсег меѓу 62.000 и 66.000 долари, по период на значително намалена волатилност на криптопазарот.