Биткоинот забележа нагло зголемување на вредноста, растејќи за речиси 6 отсто и надминувајќи ја границата од 69.000 долари. Со тоа криптовалутата се врати на нивоа последен пат забележани на почетокот на јуни.
Растот уследи откако Министерството за финансии на САД соопшти дека ќе ги зголеми најмалку двојно откупите на долгорочни американски државни обврзници.
Одлуката беше протолкувана од дел од инвеститорите како форма на монетарно олеснување, бидејќи зголемената побарувачка за државни обврзници може да придонесе за намалување на нивните приноси и притисок врз американскиот долар. Тоа, пак, ја зголеми привлечноста на ризичните средства, меѓу кои и биткоинот.
„Пазарот го протолкува ова како тивка форма на квантитативно олеснување, потег што го ослабува доларот и ги испраќа ретките средства како биткоинот нагоре“, изјави Мет Мена, виш стратег во криптоистражувачката компанија 21Shares, за Fortune.
Наглиот раст на биткоинот предизвика и таканаречен „short squeeze“. Инвеститорите кои се обложувале на пад на неговата цена почнале да ги затвораат своите позиции, што значи дека морале да купуваат биткоин и дополнително ја зголемиле побарувачката.
Според 21Shares, во овој процес бил купен биткоин во вредност од околу 1,5 милијарди долари, од кои приближно 700 милиони долари за само една минута. Компанијата оцени дека ова можеби е најголемиот „short squeeze“ досега забележан на пазарот на биткоин.
Најновиот раст доаѓа по повеќемесечен период на слабеење и нестабилно движење на цената. Биткоинот сè уште се обидува да се опорави од остриот пад во октомври минатата година, кога беа ликвидирани позиции во вредност од повеќе од 19 милијарди долари.