Биткоинот денес за прв пат ја премина границата од 50.000 долари, продолжувајќи го својот забрзан раст.

Најголемата дигитална валута во светот според пазарната вредност порасна за повеќе од три проценти, на рекордни 50,487 долари, според податоците од „Coin Metrics“.

Биткоин доби поттик по веста дека големите компании „Tesla“, „Mastercard“ и „BNY Mellon“ инвестираат значителни средства во криптовалути.

Минатиот понеделник, компанијата Тесла соопшти дека купила Биткоини во вредност од 1,5 милијарди долари како дел од новата стратегија за инвестиции и дека наскоро ќе го прифати Биткоинот како начин на плаќање за своите автомобили.

„Mastercard“ најави дека ќе ја отвори својата мрежа за некои дигитални валути. „PayPal“ и „BNY Mellon“ исто така повлекоа потези за поддршка на криптовалути.

Користењето на корпоративни пари од Тесла за купување Биткоин предизвика шпекулации за тоа дали и другите големи компании ќе го следат примерот.

Извршниот директор на „Uber“, Дара Косровшахи, за „CNBC“ минатата недела изјави дека неговата компанија ја разгледала и брзо ја отфрлила идејата за купување Биткоин, но размислува да прифати крипто валути како платежно средство.

Овие случувања доведоа многу инвеститори да веруваат во криптовалутите дека неодамнешното зголемување на вредноста се разликува од претходните. Цената на Биткоинот скокна на 20.000 долари кон крајот на 2017 година, а изгуби 80 проценти од својата вредност следната година.

„MicroStrategy“ и финансиско-технолошката компанија „Square“, се најдоа во насловните страници минатата година, откако прифатија необична стратегија за користење готовина од компаните за купување Биткоин.

– Од март 2020 година, видлив е влезот на институциите во Биткоинот и мислам дека овој тренд ќе продолжи и во 2021 година. Постојат оние кои сметаат дека Биткоинот е средство за размена, но јас лично верувам дека Биткоинот ќе стане убедлив пример за зачувување на вредноста – изјавил Мајкл Сејлор од „MicroStrategy“ за „CNBC“.

Вредноста на акциите на „MicroStrategy“ се зголеми за седум пати откако го купи својот прв Биткоин во август минатата година. Компанијата денес објави дека ќе понуди 600 милиони долари конвертибилни обврзници за да купи уште повеќе Биткоин. Се шпекулираше дека „MicroStrategy“ и понудила на Тесла план за купување Биткоин по преписката меѓу Сејлор и Илон Маск на Твитер за големи трансакции со криптовалути.

Сепак, скептиците го гледаат Биткоинот како шпекулативна инвестиција и се загрижени дека тој е еден од најголемите балони на пазарот во историјата.

Економистите како Нуриел Рубини истакнуваат дека Биткоинот и другите криптовалути немаат суштинска вредност. Неодамнешното истражување на „Deutsche Bank“ покажа дека инвеститорите го сметаат Биткоинот за најекстремен балон на финансиските пазари, заклучува „CNBC“.