Податоците објавени на Министерството за трговија на САД покажуваат, дека во последниот квартал од 2017 година Американската економија остварила поголем економски раст од првично проценетиот.

 

Бруто домашниот производ (БДП) на САД во последните три месеци од минатата година порасна по стапка од 2,9 проценти на годишно ниво, што е повеќе од 2,5 проценти колку што првично беше проценето, се наведува во соопштението на Министерството, пренесува агенцијата АП.

 

Таквата стапка на раст на БДП е сепак побавна во однос на растот од 3,1 проценти од вториот квартал и од 3,2 проценти од третиот квартал.

 

Податоците за приватната потрошувачка, која чини повеќе од две третини од економските активности на САД, се ревидирани исто нагоре на стапка раст од 4,0 проценти во последниот квартал од претходно проценетите 3,8 проценти.

 

Тоа е најбрзото темпо на раст на приватната потрошувачка од четвртиот квартал од 2014 година, оценува агенцијата Ројтерс.