Станвам сабајлево, и оп вест, вечниов коморџија и стопанственик сега ќе ми ти организирал некаков си хаб за циркуларна и зелена економија. И тоа, ни повеќе ни помалки, во идеја, изведба и режија, на трутов на сликава, кој децении ја води стопанската комора на бедотијава, и од што добро и професионално ја води, македонските компании не направија никаква синергија, ни создадоа никаков креативен инкремент, туку, реалните членки, кои само плаќаат чланарини и ги мафта по некакви саеми, после 30 години пазарно општество, догураа до подизведувачи на работните логори, или по ново ТИРЗ.

Но зошто ме нервира ликов, малку да образложам.

Ликов, за време на југо-социјализмот во тогашните политичко-стопанственички структури, исто така добро се укотви и пловеше, па полтронството можеше да го одведе, ако по команда „одозгора“ требаше гулаг да се изгради во Криволак, и тоа ќе го направеше за тој систем и идеологија. Гулаг, за среќа не направи, пошо не ни бараше системот, ама па и во транзицијава ништо не направи со што, автохтониот и изворен македонски бизнис, гледан низ призмата на акумулација, соработка и инвестирање – преку домашна кооперација ( која треба да се одвива во рамки на Комората ) воопшто не го артикулира, ниту нешто го вмрежи. Напротив, Комората, и како правно лице, е тотален неуспех, без видливи резултати во полето на нивна работа. Не е резултат ако расфрлаш флаери по саеми, кога не знаеш на англиски да му преставиш ништо на партнерот. За информации за компании во Комората, мора да платиш дебело, ги кријат фирмите синкир од дома му ги има донесено.

Како резултат на тоа работење, неуспешниот закон за Приватизација и воопшто целата транзиција, населението во државава е скоро отселено, остарува, земјата е празна и погодна да ја населат Пакистанци, Индијци и Филипинци, а автохтоното население, работи за „корка леб и кревет да преспијам“ кај западните газди во работните логори со „целофан име“ ТИРЗ-ови…

Според мене, значаен удел во овој општествено-социјален проект од држава во последниве 30 години, има и оваа „грамада“ од лидер, кој сега, намирисувајќи ги „западните пари“ за зелена и циркуларна трансформација на практично непостоечката македонска економија, ќе градел хаб.
Сигурен сум дека и зборов неодамна го има научено, но не е ни важно тоа.

Да ја разгледаме екипата околу него, која во медиумиве излезе со спремно соопштение, да не биде изоставена, па западниот финансиер да не се сомнева во нејзината легитимност. Одиме јако:

„Членови на иницијативниот одбор се: Бранко Азески,претседател на СКСМ и Асоцијацијата на Балкански комори (АБЦ), и потпретседател на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), Претседателите на сите комори членки на Асоцијацијата на Балкански комори (АБЦ) и Коморскиот инвестициски форум (КИФ), проф. д-р Дарко Лазаров,претседател на Клубот на извозници при СКСМ, проф. д-р Дејан Мираковски,ректор на УГД, Марија Дуковска Павловска, генерален директор на „Макстил АД“ Скопје, Никола Цветковски, генерален директор на „Бонивес“  Скопје, проф. д-р Наташа Петровиќ, Факултет организациски науки при Универзитетот во Белград и Кристина Кузеска, здружение за енергетика при СКСМ.“

Може да се види дека иницијалнава екипа е од подсектори на комората, мојег до мојега, по некој си професор по приватниве „ а ла Мерко“ факултети, по некој директор од изукрадени транзициски монополи и така некој тек тук. Не ги знам луѓево да сум искрен, но чим се банда на овој трут, не се сомневам во нивната неспособност…

Некој ќе праша, зошто реагирам на ова?

Драг читателу, затоа што овој кадар, докажан во секој случај низ транзицииве, се ваќа с’с финансиски текове, има намирисано што ќе финансираат од надвор во наредниов период, ќе ги исцица тие пари беззочно, како досега, нема да изгради ништо, како досега, а и да изгради нема да функционира, исто како до сега, фондовите ќе си одат, а државата и народот нема да добијат ништо. Од вакви вечни функционери, кои не ги менуваме, ние стигнавме на ова дереџе. Не може никој да ме убеди дека човек што градел гулази, може да гради хабови. Докажани кадри и анонимуси, за во западни и финансиски ануси „увлекуење“ сум се изнагледал. Се разбира дека идејата е поголема, и е од надвор, но ако вакви лешпери без никакво реално и мерливо кредо, ја водат, секако ќе биде неуспех.. гарантирам.

Затоа, апелирам, оваа инаку добра идеја за економијата, да ја прави некоја помлада, докажана и неискварена екипа, бидејќи како што напоменав, парите ќе се лапнат и ништо нема да се направи – традиционално македонски…

ПС. Никој од наведениве лично не ги познавам, само ги отценувам само нивните досегашни резултати т.е. нерезултати.

Наум Димитровски