Според Законот за трговски друштва, можно е да се запише фирма без основачки влог. Рокот да го уплати е една година, а ако тоа не се случи, се брише! Вработените стравуваат дека фирмата ќе се избрише и дека ништо нема да добијат

Александар Огњановски е еден од 30 вработени што работат или работеле во британската компанија „Стар кеар“ а кои останале без една или две плати. Огњановски, како ретко кој решил правдата да ја бара на суд. Но, наишол на безизлезна ситуација, и да ја бара – нема да ја добие, му кажал адвокатот кај кој се обратил. А причината е повеќе од сериозна затоа што таа ситуација може да се случи во која било друга фирма. Според Законот за трговски друштва, можно е да се запише фирма без основачки влог. Рокот да го уплати е една година, а ако тоа не се случи се брише! Така, оваа фирма што била основана на 31.1.2023 година во секој момент може да биде избришана од Централниот регистар (според изводот од 8 февруари, сè уште постои).

Адвокатот со кој разговаравме, вели дека фирмата едноставно ќе престане да постои, а долговите нема да се наплатат.

– Во ваков случај бадијала некому би му земале пари ако тужи. Гледаме колку е кредибилна фирмата. Во моментот кога го испитувавме случајов, фирмата беше жива. Може вработените да побараат стечај на фирмата, но што кога таа нема да постои. Во Законот за трговски друштва, со цел да се отвораат што повеќе фирми, се дозволи основачкиот влог од 5.000 евра да се уплати во рок од 12 месеци, во спротивно да се избрише фирмата. А кога ќе се избрише, таа може да се спореди со починато лице, од него не може ништо да се наплати – вели адвокатот што сакаше да остане анонимен.

Нашиот соговорник Александар Огњановски, кој останал без сработените плати, вели дека се вработил во оваа фирма на 29 септември 2023 година на работно место „корисничка поддршка“. Платата за неколкуте денови на одработеното во септември, ја добил дури на 23 ноември, кога веќе му се јавил сомнеж дека во фирмата нешто не е како што треба. Сепак, си дал рок и останал до крајот на минатата година. Така, фирмата му остана должна за октомври и за ноември.

– Сите вработени останаа покуси за тие две плати. Страшно е што законот овозможува вакво бришење на фирмите. Не го знаев тоа и додека бев на работа, сепак си мислев дека некаков привремен застој ќе се надмине – коментира Огњановски.

Наташа Скендерова е прокурист, односно овластено лице што може да склучува договори и да врши правни работи и дејства во име и за сметка на британската фирма, како и да го застапува друштвото во постапките пред управните и други државни органи. Во изјава за „Слободен печат“ таа вели дека нема ингеренции за исплата на плати, но дека прави сè што е во нејзината моќ тие да бидат исплатени што поскоро.

– Вработените ќе бидат исплатени во најбрз можен рок. Ние како овдешен менаџмент служиме како врска со управителот и со клиентот што е должен да ги исплати обврските кон нас. Клиентот е со намера да продолжиме да работиме од Скопје. Очекуваме во секој момент да ги расчистиме платите и да седнеме и да разговараме за тоа како понатаму. Тоа се однесува и на мене, и на мојата плата, и јас сум таму вработена – вели Скендерова.

Александар Огњановски бил задолжен за „чат“ комуникација во живо со корисници од Бразил.

Скендерова објаснува дека поентата на целиот проект била тука да се вработат повеќе од 100 луѓе, да функционираат во три смени и да опслужуваат повеќе од еден клиент.

– Сега има нешто повеќе од 10 вработени. Инаку, во еден момент компанијата имаше 30-ина вработени. Ние никого не сме отпуштиле, а сме вложиле многу во нивните обуки – вели Скендерова.

Во однос на неуплатените 5.000 евра како основачки влог, Скендерова вели дека правниците ја известиле дека со првиот прилив на плати, тој износ ќе се обезбеди.

– Јас не сум правно лице, но се консултирав. Ми кажаа дека е доволен приливот за плати. Тој прилив може да се искористи за уплата на основачкиот влог, а потоа да се повлече и да се искористи за плати. Оваа фирма нема намера никого да измами, да го ангажира со намера да го остави без плати – уверува Скендерова.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт и со управителот на фирма од Британија, Џереми Давид Бебер, преку електронската адреса оставена во Централниот регистар, но додека го пишуваме текстот, одговор нема.

Според профилот што го имаат на платформата Линкедин, скопската „Старкеар“ е компанија за поддршка на корисници која обезбедува исклучителни услуги за клиентите. „ Нашата мисија е да им обезбедиме на нашите клиенти да имаат позитивно искуство со нивните производи и услуги преку обезбедување врвна поддршка“, напишала компанијата.