Во првите шест месеци од годинава 161 компанија ги прекршилe правилата за евиденција на вработените на работното место. Податоците до кои дојде Алсат велат дека државните инспектори за труд утврдиле неправилности во делот на Законот за работни односи и тоа кај 118 компании кои не воделе евиденција за полно работно време за своите вработени.

Дополнително, санкционирани се 27 работодавачи кои имаат вработено над 25 лица а не водат електронско евидентирање на полно работно време, ниту пак им се пресметувала прекувремена работа на работниците. Инспекторите напишале пријави и за 16 газди кои се должни да водат евидентен лист за присуство на работа на работниците со наведување на податоци за почетокот и завршетокот на работното време, но тоа не го правеле.

„Државен инспекторат за труд од областа на работните односи во период од јануари – јуни  2021година изврши вкупно 8.267 инспекциски надзори“, наведуваат од Државниот инспекторат за труд.