Бугарија се наоѓа на второто место меѓу земјите членки на ЕУ според економскиот раст, откако во четвртиот квартал од минатата година, БДП-то на земјата се зголеми за 2,1 отсто во споредба со претходниот, соопшти Евростат, јави дописникот на МИА од Софија.

Само Романија се наоѓа пред нашиот источен сосед, со раст на Бруто домашниот производ од 5,3 отсто.

Во просек во земјите од ЕУ економијата во четвртиот квартал од 2020 година се намали за 0,4 отсто во споредба со претходниот. Тоа најмногу се должеше на големиот пад на БДП во Австрија од 4,3 отсто, во Италија за два отсто, а во Франција за 1,3 отсто. Само во две земји од ЕУ има пад на економијата во споредба со претходниот квартал,а  тоа се Полска (-0,7 отсто) и Холандија (-0,1 отсто), додека во сите други има раст.

Бугарскиот Бруто домашен производ во четвртиот квартал на 2020 година е се уште 3,8 отсто под нивото од истиот период претходната 2019 година. Бугарија има резултат што е подобар од просечниот економски пад во ЕУ, што изнесува 4,8 отсто, но дури девет земји од Унијата  имаат подобри резултати од Бугарија. Најмал пад на БДП на годишно ниво е забележан во Литванија (-1.3 отсто), Летонија и Романија (по -1.7 отсто). Од земјите за кои Евростат има податоци, најголем пад на БДП има во Шпанија (-9,1 отсто), Австрија (-7,8 отсто) и Италија (-6,6 отсто).

Бугарскиот министер за економија, Лачезар Борисов, на онлајн дискусија на тема „Фондот на ЕУ за реконструкција и одржливост на транзицијата на Бугарија: иновации – зелена агенда – дигитална трансформација“, организирана од „Економист“ и „Хазилис & Ривас“ соопшти дека „власта доби прекори затоа што не даде повеќе пари на бизнисот за време на кризата, но всушност Бугарија имаше најлиберални мерки кон бизнисот во контекст на пандемијата со Ковид-19 и само неколку сектори привремено не беа во можност да работат. Баланс меѓу економијата и здравствениот сектор, синергија и недостаток на противење – се пораките што ни ги упати кризата “.

-Бугарија е една од ретките земји што ја зголемија потрошувачката и приходите за време на кризата. Имаме најнизок државен долг во ЕУ, па прашувам која земја може да се пофали со тоа, изјави министерот Борисов.

Тој, исто така, потсети дека Бугарија има најмал буџетски дефицит – три отсто, а стапката на невработеност е пет отсто.

-Милјарди евра се на пат да ја трансформираат Бугарија и мора да постигнеме повисоко ниво на економски развој, а тоа ќе се случи кога ќе поставиме повисоки цели.