Во јуни се издадени 296 одобренија, а најголема градежна активност има во Полошкиот и Скопскиот Регион
Градежниот сектор бележи значителен раст. Во јуни 2026 година во земјава се издадени 296 одобренија за градење, што е 39 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани. Според податоците, вкупната предвидена вредност на објектите достигнува 103,5 милиони евра, односно 31 отсто повеќе во однос на јуни минатата година. Од вкупниот број одобренија, 200 се за високоградба, 26 за нискоградба, а 70 за реконструкција.
Во јуни е предвидена изградба на 754 станови, со вкупна корисна површина од 64.266 квадратни метри. Најголем дел од планираните станови се со две и три соби – 267 се двособни, а 214 трособни. Предвидени се и 116 четирисобни, 79 еднособни и 33 петсобни станови.
Иако најмногу одобренија се издадени во Полошкиот Регион, 70, најголема предвидена вредност на градежните работи има во Скопскиот Регион, каде што инвестициите достигнуваат 3,48 милијарди денари. Од вкупно 296 одобренија, 218 се за објекти каде што инвеститори се физички лица, додека 78 одобренија се за деловни субјекти.
Сепак, деловните субјекти стојат зад поголемиот дел од вредноста на инвестициите. Од вкупните 6,36 милијарди денари, на деловните субјекти отпаѓаат речиси 5 милијарди денари, додека инвестициите на физичките лица изнесуваат околу 1,37 милијарди денари.