Европската централна банка (ЕЦБ) од јули досега седум пати ги зголеми каматните стапки во обид да ја олади инфлацијата, но тоа веројатно не е крајот, навести претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел.

„Сè уште не сме ја добиле битката против инфлацијата. Забавена е во последните месеци, но сепак е премногу силна“, изјави вчера Нагел за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

На почетокот на мај ЕЦБ повторно ја корегираше референтната каматна стапка, иако порастот од 0,25 процентни поени, на 3,75 отсто, беше помал од претходните шест пати.

„Можев да замислам зголемување од 0,5 процентни поени, но сеедно, најавивме повеќе зголемувања“, истакна Нагел.

Според неговите зборови, пораката мора да биде јасна: „Сè уште не сме готови и каматите треба да продолжат да растат“.

ЕЦБ настојува да ја задржи инфлацијата на просечно ниво од најмногу два отсто годишно.

Стапката на инфлација, меѓутоа, со месеци е на значително повисока вредност.

Во април потрошувачките цени во еврозоната пораснаа за точно седум отсто.

Во Германија, според прелиминарните податоци, годишната стапка изнесува 7,2 отсто.

„Инфлацијата значително ќе се забави, но веројатно ќе треба да почекаме до почетокот на 2025 година за… одржлива стапка под два отсто во Германија“, оценува Нагел.

„Каматните стапки во еврозоната треба да се зголемат за да се забави инфлацијата. Дури и кога ќе бидат доволно високи за тоа, ќе биде потребно време инфлацијата да стане одржлива“, рече банкарот.