Доналд Трамп во јули остварил повеќе од илјада трансакции со акции, чија вредност се движи помеѓу 79 и 270 милиони долари. Тоа го покажува анализата на неговиот најнов финансиски извештај, објавена синоќа, пишува Гардијан.

Меѓу неговите најголеми продажби се акциите на Амазон и на Мајкрософт кои ги продаде на 20 јули, во вредност од 5 до 25 милиони долари по компанија. Истиот ден, тој продаде акции на Oracle и Costco во вредност до 5 милиони долари, акции на Nvidia во вредност од 500.000 до милион долари и купи акции на Intuit и Salesforce во вредност до 5 милиони долари, меѓу десетици други трансакции.

Вкупно, тој изврши повеќе од 700 продажби во вредност од 35 до 137 милиони долари и инвестираше помеѓу 43,5 и 134 милиони долари во повеќе од 440 купувања. Финансиските извештаи, кои претседателите и потпретседателите се обврзани според закон да ги достават, содржат само датум и опсег на вредност на трансакцијата.

Белата куќа соопшти дека портфолиото на акции и обврзници на Трамп е „независно управувано од финансиски институции“ и дека во најновиот извештај нема судир на интереси.

Јулскиот извештај доаѓа во време кога Трамп и Републиканската партија продолжуваат да инсистираат на забрана за тргување со акции за членовите на Конгресот, но забраната нема да се однесува на него.

Анализа на Блумберг покажа дека од почетокот на неговиот втор мандат до јуни, претседателот направил повеќе трансакции отколку целиот Конгрес заедно.

Најновите годишни финансиски извештаи на Трамп открија дека тој заработил повеќе од 2,2 милијарди долари лани од својата мрежа на компании и инвестиции. Вклучен во тој износ е приход од милијарда долари од криптовалути. Извештаите од неговите соработници, исто така, открија големи парични подароци од 45.000 долари за тројца функционери од Белата куќа, вклучувајќи ја и неговата блиска помошничка Натали Харп, што ги натера групите за надзор да побараат понатамошна истрага.

Заедничкиот економски комитет на Сенатот откри дека Трамп заработил до 15,5 милиони долари од инвестиции во нафтени и гасни компании, бидејќи цените на енергетските производи се зголемија поради американската војна со Иран.

Финансиските менаџери на американскиот претседател направиле 1.152 трансакции со акции во негово име во јули и тоа е исклучително голем број во споредба со неговите претходници и се смета за висок дури и за многу активни инвеститори на берзата, јави САи-Ен-Ен.

Се тргувало, меѓу другото, со акции на компании како што се SpaceX и RTX, порано Raytheon, кои работат со федералната влада во сектори директно регулирани од нејзината администрација.

Споменатите финансиски движења значат приближно 50 трансакции дневно. Иако тоа е огромен обем за просечниот инвеститор, темпото е во согласност со активноста на портфолиото на Трамп за време на неговиот втор мандат. Според анализата на Блумберг, Трамп или неговите менаџери спровеле повеќе од 28.000 трансакции од втората инаугурација во јануари 2025 година. Тоа е повеќе од сите членови на Претставничкиот дом и Сенатот заедно.

За споредба, поранешниот претседател Џо Бајден тргувал со акции вкупно 13 пати за време на целиот свој мандат. Поранешниот претседател Барак Обама не тргуваше со индивидуални акции, туку се потпираше на инвестициски фондови и државни обврзници.

Законот им дозволува на претседателот, потпретседателот и членовите на Конгресот да тргуваат со акции, но бара од нив да ги пријават своите трансакции во рок од 45 дена.

Сепак, таквата практика е исклучително непопуларна меѓу гласачите. Неодамнешна анкета на „Економист“ и „ЈуГов“ покажа дека околу 75 проценти од испитаниците, вклучувајќи го мнозинството демократи и републиканци, сметаат дека на избраните функционери не треба да им се дозволи да купуваат и продаваат индивидуални акции додека се на функција.

Во јули, Претставничкиот дом го усвои Законот за спречување на инсајдерско тргување, кој Трамп го поддржува.