Ги чека ли граѓаните уште еден ценовен шок – ќе има ли ново покачување на цената на струјата, ќе има ли евтина тарифа?

Енергетските компании веќе ги доставија пресметките до Регулаторна, која треба да одлучи што ќе прифати, а што не како трошок и дали од август цената на електричната енергија ќе претрпи корекција нагоре.

Првиот човек на Регулаторна Бислимоски, вели тие може да влијаат само на 38 проценти од трошоците кои ги пријавиле компаниите – но ќе направат се за да нема ценовни потреси.

“РКЕ контролира 38 проценти, за пренос, за дистрибуција и еден сосема мал минорен дел за операторот на пазарот на електрична енергија. 58 проценти не ги регулираме ние, бидејќи тие се врз основа на случувањата на пазарот на електрична енергија и обврските кои што ги има преземено државата за обновливите извори на енергија” – вели Бислимоски.

Неофицијално МЕПСО бара покачување за 100 процент, а тоа го правда со намалените приходи по основ на прекуграничните преносни капацитети и новите правила за балансирање.

Стигнати се и пресметките на другите компании. Но, Регулаторна има забелешки, кои треба да се корегираат идната недела. Потоа јавно ќе објават, колкаво зголемување бараат  компаниите, во услови кога поради пандемијата трупаат загуби.

“Мепсо објави дека годината ја завршил со 6 милиони евра загуба, пред се заради намалени приходи од извозните активности како што с еприходите за доделување на прекуграничните преносни капацитети. Исто така според оние сознанија кои што ние ги имаме, со загуба годината ќе ја заврши и ЕСМ, но ЕСМ не е регулирано претпријатие од РКЕ така што тие загуби ќе си ги реши во рамките на самата компанија” – појаснува Бислимоски.

Бислимоски е категоричен дека непродуктивните трошоци оние кои не се поврзани со обезбедувањето на електричната енергија и сега нема да влијаат на цената.

Изминатите години енергетските компании како трошок ги прикажуваа и инвестициите во ски центри, одмаралишта, хотели и фасади.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак за да се ублажи ценовниот шок доколку повторно поскапи овој енергенс, предлагаат да се намали ДДВ-то од 18% на 5%. И од Регулаторна не ја исклучуваат можноста и тие исто како и лани, оваа препорака да ја упатат до Владата.

Лани цената на струјата се зголеми за 7,5%. Нова корекција сега ќе има до крајот на јули до кога ќе се знае дали и за колку проценти ќе се покачат сметките на граѓаните, и дали ќе остане  евтината тарифа.

 

Извор: Телма