Чешкиот произведувач на оружје Ческа збројовка груп (ЦЗГ) објави дека склучил договор за купување на американски Колт, добавувачот на американската војска чие име е добро познато на љубителите на вестерните.

Колт е најпознат по револверот кој на почетокот на 19 век го измисли неговиот основач Семјуел Колт. Ја снабдува американската војска со оружје подолго од 175 години, а клиенти му се и канадските оружени сили.

Чешка ЦЗГ, пак, спаѓа меѓу водечките произведувачи на малокалибарско оружје во Европа. Ги произведува марките како Ческа збројовка, Ден Весон, Брно рајфлс и 4М системс, а вработува 1.650 работници низ светот.

Збројовка според конечниот договор ќе ги купи сите акции на Колт за 220 милиони долари и ќе додаде уште милион свои новоиздадени акции.

„Спојувањето е стратегиски чекор за двете страни“, кажа претседателот на чешката компанија Лубомир Коварик, додавајќи дека е горд што во портфолиото ќе вклучи толку „култен бренд“.

Стратегиската комбинација на двете компании пружа значителни можности за раст, кажа извршниот директор на американската компанија Денис Вејло.

Договорот мора да го одобрат регулаторите за пазарна конкуренција, а се очекува да биде склучен во второто тромесечје на 2021 година, се наведува во соопштението.