Постојниот заем од 90 милијарди евра не е доволен, па дипломатите бараат Брисел итно да ги откочи парите на Москва.

Холандија, Полска, Шпанија и Шведска побараа Европската Унија повторно да го отвори прашањето за користење на замрзнатите руски милијарди за директно финансирање на Киев. Шефовите на дипломатиите на овие четири земји испратија заедничко писмо до високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас и до ирската министерка Хелен Мекенти, со барање темата итно да се стави на маса на претстојниот дипломатски состанок во Ирска.

Министрите на четирите држави оценија дека претходно договорениот заем од 90 милијарди евра, покриен преку буџетот на Унијата за 2026 и 2027 година, нема да биде доволен за реалните потреби на Киев. Во заедничкото обраќање тие наведуваат дека на Украина ѝ е неопходна значително поголема финансиска и воена поддршка, како на краток, така и на долг рок.

Расправата за овие средства ќе се отвори на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на 1 и 2 септември во Ирска.

Почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година донесе замрзнување на околу 210 милијарди евра средства на руската централна банка ширум европските финансиски институции. Најголемиот дел од овој износ, односно околу 185 милијарди евра, се наоѓа во меѓународниот депозитар за хартии од вредност „Еуроклир“ (Euroclear) во Брисел.

Европската комисија претходно предложи план за активирање на овие средства преку заем за Украина вреден до 165 милијарди евра. Според таа замисла, Киев би ги враќал парите дури откако Москва ќе исплати воена отштета.

Планот на Еврокомисијата беше ставен во мирување поради противењето на Белгија. Белгиските власти предупредија дека европскиот механизам не нуди доволна правна заштита, со што земјата и депозитарот „Еуроклир“ би останале сами да се соочуваат со евентуални руски тужби и милијардски отштетни побарувања.

Бидејќи Брисел сè уште нема променето став околу правните гаранции, министрите од Холандија, Полска, Шпанија и Шведска бараат експертите на Комисијата да изработат нови модели за користење на средствата.

Шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски отворено порача дека парите мора веднаш да се стават во функција на воената одбрана. Според него, бесмислено е да се чека крајот на војната за парите да се трошат на градежна обнова кога агресијата треба да се спречи сега.

„Русија нема да ги добие овие пари назад сè додека не ѝ исплати отштета на Украина. Затоа е подобро тие средства да се искористат за запирање на агресијата и одбрана на земјата“, изјави Сикорски.