Извесно е дека во црногорскoто море има нафта, изјави на прес-конференција министерот за капитални инвестиции на Црна Гора, Младен Бојаниќ.

Според него, најдоцна до крајот на оваа година ќе се знае во колкави количини и колку е економски исплатливо да се експлатира.

Како што посочи, очекувањата биле дека информациите за наоѓалиштата на нафта и гас ќе бидат познати во септември или октомври, но роковите се одложени поради формацијата која барала дополнително обезбедување.

„Според последните информации завршено е таканареченото цементирање на отворите, а во следните седум до 15 дена ќе се влезе во формацијата што содржи нафта. Останува прашањето да се види колку тоа ќе биде комерцијално исплатливо“, рече Бојаниќ..

Според него, тоа е нешто што ќе го оцени конзорциумот што го врши истражното дупчење.

„Нафта сигурно има, но во колкави количини ќе знаеме само кога ќе заврши овој дел од работата. Очекуваме дека најдоцна до крајот на годината ќе имаме сосема извесна состојба“, заклучи Бојаниќ.