Владата на Црна Гора ја повлече претходно дадената согласност со која на компанијата „Луштица Девелопмент“, инвеститор во луксузниот туристички комплекс Луштица Беј, ѝ беше овозможено да воспостави заложно право врз државен имот како гаранција за кредит од 15 милиони евра од Алта банка Белград.

Оваа банка, која минатата година ја купи Стопанска банка – Битола во Македонија, важи за блиска до Александар Вучиќ.

Спорната зделка се однесува на марината и крајбрежното шеталиште во комплексот Луштица Беј кај Тиват, изградени на државно земјиште со површина од околу 18 000 метри квадратни.

Како што објави црногорски „Вијести“, Владата на Црна Гора на 29 јуни го прифатила барањето на „Луштица Девелопмент“ со што требало да се овозможи воспоставување заложно право во корист на Алта банка – Белград како обезбедување за враќање на кредитот од 15 милиони евра.

Но, на 28 јули, само два дена откако „Вијести“ објавија информација за планираниот аранжман, владата на премиерот Милојко Спајиќ ја променила одлуката и го поништила претходниот заклучок.

Со тоа практично било спречено државниот имот – марината и шеталиштето да биде ставен под залог во корист на белградската банка.

Во образложението не била наведена конкретна причина за пресвртот, туку само било посочено дека настапиле „одредени правни и фактички околности“ поради кои престанала основата за постоење на заложното право.

Според катастарските податоци што ги провериле „Вијести“, заложно право во корист на Алта банка воопшто не било запишано.