Во Австрија има сè поголеми побарувања богатите да плаќаат таканаречен „корона-данок“, бидејќи државата се задолжува многу за да им помогне на компаниите.

Долгот на земјите во Европа достигнува нова рекордна висина за време на пандемијата, а многу политичари се залагаат за специјален данок за богатите, посочува виенскиот дневен весник „Прес“.

Австриската влада издвои и милијарди за да им помогне на компаниите да ја надминат кризата, и додека многу компании стравуваат за својата егзистенција, има и такви компании кои профитираат од кризата. Така, шефот на Амазон, Џеф Безос, на пример, не може да се жали за оваа година, бидејќи неговата компанија остварува уште поголеми профити, бидејќи продавниците се затворени, а граѓаните нарачуваат стоки преку Интернет, додава „Пресе“. Безос, кој важи за најбогат човек на светот со приватен имот вреден 185 милијарди долари, е само еден од многуте.

Поради овие околности, се погласна е дискусијата за „корона-данокот“ за богатите во Германија, каде за тоа се залага министерот за финансии, Олаф Шолц, кој бара граѓаните што заработуваат „многу“ да плаќаат поголем придонес. Истото го бара и шпанската владејачка партија „Унидас Подемос“, која сака посебен данок за побогатите граѓани.

Во Австрија, оваа дебата започна пролетта, кога вицеканцеларот Вернер Коглер во неколку интервјуа побара повисок данок на имот. Социјалдемократската партија на Австрија (СЈО) исто така порано побара повисок данок на имот и наследство.

Поради сегашната состојба, ова барање станува сè поважно, бидејќи Австрија се позајмува многу како држава поради корона-кризата. Владата претпоставува дека стапката на задолженост ќе достигне над 90 проценти од БДП.

Поради таквата ситуација, познати лица, како угостителот Атила Догудан, кој поседува сопствен ланец на ресторани, и градежниот претприемач Ханс Питер Хазелштајнер, исто така, побараа посебен и повисок данок на имот и наследство.

Народната партија (ОВП) на канцеларот Себастијан Курц постојано ги одбиваше ваквите барања во минатото. Сепак, сега е нејасно, наведува „Прес“, како ќе се намалат долговите.

Во основа, ОВП сака да ги врати тие пари преку раст, а од неодамна се вели дека не е исклучено, за време на мандатот на владата, да се зголемуваат даноците.

Австриската работничка комора (АК) веќе има подготвен концепт за „солидарен придонес“. Долговите направени за време на корона-кризата треба да се намалат со временски ограничени придонеси, а од друга страна, тие треба да финансираат инвестиции за во иднина, објасни финансискиот експерт на АК, Маркук Мартабауер.

Тој данок треба да се примени на имот вреден повеќе од 10 милиони евра, а според АК, таа мерка би влијаела на еден процент од австриските домаќинства. Граѓаните со имот вреден повеќе од десет милиони евра треба да плаќаат данок од два процента.

За средства во вредност од над 100 милиони евра, данокот би бил три проценти. Според Мартабауер, тоа ќе и донесе на државата седум милијарди евра годишно.

Од 1954 до 1993 година, Австрија имаше данок на имот, кој беше укинат поради ниските приходи, бидејќи само компаниите беа засегнати од овој данок.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк