Се размислува годинава да се воведе данок на екстрапрофит

Во 2023 влегуваме без прогресивен данок, но Владата  размислува за привремен данок на екстра профит. Стопанските комори реагираат дека не е време за воведување на кризен данок во услови на голема енергетска и финансиска криза. Ако се воведе  привремен данок на екстра профит дополнително ќе го усложни нивното работење, а некои од нив може да стават и клуч на врата и да ги затворат своите компании. Со данокот на криза се очекува во буџетот да се слеале околу 90 милиони евра, а опфатени ќе бидат околу 180 компании.

Од 1 јануари годинава веќе не важи одредбата од Законот за личен доход со која се предвидуваше прогресивно оданочување, а нема да се оданочуваат ниту каматите на орочените депозити. Владата ги укина овие одредби од Законот за личен доход за кој што одобрување даде и Собрание. Образложението од Владата е дека во време на високи стапки на инфлација, важно е да се поттикнат граѓаните да штедат. Инаку оданочувањето на каматите на орочените депозити се одлага до влезот на земјата во Европската Унија

Во врска со прогресивната даночна стапка, од Владата велат дека се отвораат повеќе дилеми поради што оваа одредба се укина.

– Од аспект на принципот на праведност, ова решение отвора повеќе дилеми, на пример, ако едно лице во повеќечлено семејство има повисока плата, а останатите немаат никаков приход, со претходно поставеното решение тоа лице ќе требаше да плати повисок данок од лица во домаќинство каде сите заработуваат, поединечно помалку, но домаќинството има многу повисоки приливи, напиша неодамна министерот за финансии Фатмир Бесими во неговата колумна „Праведен даночен систем за одржлив, инклузивен и забрзан економски раст“.

Владата новата даночна реформа ја презентираше на почетокот на декември, а со неа во услови на криза не се предвидуваат нови даноци, ниту зголемување на постојните. Данокот на личен доход и данокот на добивка остануваат 10 проценти. И данокот на додадена вредност останува 18 проценти, но поради актуелната економска криза, даночната стапка на основните прехранбени производи останува повластена и ќе изнесува пет проценти.

За полуксузните прехранбени производи, кои досега се оданочуваа со пет проценти, ќе се даночат со стапка од 10 проценти за што во тек е изработка на листа на производи кои ќе се даночат со оваа стапка. Од 18 на 5 проценти се намалува и даночната стапка на производите за менструална хигиена.

Бизнис-секторот и опозицијата најмногу реагираше по најавата дека се подготвува да се воведе привремен данок на екстра профит. Стопанските комори јавно кажаа дека во услови на енергетска и финансиска криза не се подготвени за нови давачки од типот на кризен данок. Според нив, ваквата даночна обврска може  само дополнително да го усложни нивното работење, а некои од нив може да стават и клуч на врата на своите компании.

Данокот на криза како што уште се нарекува  се очекува во буџетот да се слеале  околу 90 милиони евра, а опфатени ќе бидат околу 180 компании. Овие средства треба да се насочат кон антикризните мерки. Инаку, Министерството за финансии води разговори со стопанските комори за воведување на вонреден данок на екстрапрофит по примерот на европските држави како што се Велика Британија, Хрватска, Италија, Унгарија…

Она за што во моментот се разговара во ресорното министерство  е оние компании кои во последните четири години имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво, при што тоа е 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек, дополнително да им се оданочат екстра приходите.

Владата го измени и првиот концепт за оданочување на данокот на добивка, па наместо првичниот предлог да се ослободат од плаќање на данок на добивка само инвестициите во дигитализацијата и во обновливите извори на енергија, сега реинвестираната добивка нема да се даночи за сите видови инвестиции. Според нив  со законски измени ќе се утврдат механизми со кои ќе се оневозможи злоупотреба на ова ослободување, односно во случај обврзникот неправилно да ги применува одредбите за реинвестирана добивка, да биде задолжен со петкратен износ од данокот кој би го платил кога не би го користел ослободувањето. За ова цел неопходни се промени во Законот за данок на добивка и на Законот за додадена вредност.

Оданочувањето на хонорарците, кое беше едно од најкоментираните мерки што беа најавени како дел од даночната реформа, ќе почне да се применува од 2024 година за што ќе треба да се изготви и донесе соодветен закон. Хонорарците, според најавите, ќе имаат можност на доброволна основа да плаќаат придонеси, и тоа на различна висина од плата, минимална, просечна или до два милиони денари.