За втората фаза од пругата кон Бугарија на источниот дел од Коридорот 8, се обезбедени 145 милиони евра, од кои  70 милиони евра грант од ЕБОР, а останатите ќе бидат заем

Во Министерството за финансии денеска ќе биде потпишан договор за користење 70 милиони евра грант од инструментот на Европската унија – Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ (Western Balkans Investment Framework – WBIF)  кој ќе се користи за изградба  и реконструкција на железничката делница Куманово – Бељаковце од пругата кон Бугарија.

На потпишувањето на договорoт помеѓу Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој, ќе се обратат премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар и директорот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анка Јоана Јонеску.

За втората фаза од пругата кон Бугарија на источниот дел од Коридорот 8, се обезбедени 145 милиони евра, од кои  70 милиони евра грант од ЕБОР, а останатите се заем. За деблокирање на изградбата на првата делница од пругата, од Куманово до Бељаковце, треба да се потпише анекс на Договорот за изградба, по што ќе следат  нов тендер, избор на изведувач и старт на градежни работи.  Првата фаза од пругата, од која се изградени само осум километри, се очекува да биде готова за 16 месеци, а втората фаза би завршила до 2021 година. За третата делница од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир  се преговара за средства со меѓународни финансиски институции.