Денес се одржа петтата седница на Комитетот за финансиската стабилност, на кој присуствуваа министерот за финансии и гувернерот на Народната банка, како и високи претставници од двете институции. Комитетот се одржа во услови на нормално функционирање на финансискиот систем без било какви потреси, при што во рамките на неговите надлежности за состанување во вакви услови определени со Меморандумот за соработка за одржување на финансиска стабилност и управување со финансиска криза во Република Македонија, на денешната седница се разменија информации за тековните движења во банкарскиот систем на Република Македонија.

На состанокот се заклучи дека ризиците во банкарскиот систем се минимални. Краткотрајната нестабилност која беше предизвикана од домашните политички превирања во април и мај 2016 година е целосно надмината. Банките со својата висока капитализираност и ликвидност се стабилни и отпорни на шокови. На седницата се изнесоа и основните принципи на европската директива за закрепнување и решавање на банка со проблеми пришто се разгледаа условите за нејзина примена во РМ, како и можностите за назначување орган надлежен за решавање на овие банки. Исто така, беше разгледан растот на кредитирањето од страна на финансиските друштва.