На светските пазари вредноста на доларот во однос на кошничка валути повторно падна минатата недела, втора недела по ред, по заедничката интервенција на американските и јапонските финансиски власти на пазарот за ограничување на јакнењето на доларот во однос на јенот.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, се лизна за 0,2 проценти минатата недела, на 99,60 поени.

Во исто време, курсот на еврото зајакна за 0,3 проценти, на 1,1560 долари. Сепак, американската валута зајакна во однос на јапонската валута, за 0,1 процент, на 157,75 јени.

На почетокот на неделата, американските и јапонските финансиски власти интервенираа на валутниот пазар за да го намалат курсот на доларот од највисокото ниво во последните 40 години, од речиси 164 јени. По таа интервенција, доларот падна на 13-неделно најниско ниво од 155,2 јени.

Министерството за финансии на САД последен пат директно интервенираше за поддршка на јапонскиот јен во 2011 година, како дел од координирана акција на земјите од Г7 за стабилизирање на валутата, откако разорниот земјотрес и цунами ја погодија Јапонија.

Американските власти изјавија дека ќе сторат сè за да го спречат зајакнувањето на доларот, курсот на американската валута во однос на јапонската донекаде се зголеми до крајот на неделата. Сепак, повторно се најде под притисок во петокот поради слабоста на американскиот пазар на трудот, пренесува Индекс.хр.