Денеска официјално истекува рокот за предавање на домашната платежна картичка на оние граѓани што ги исполнија условите од оваа мерка што беше дел од третиот пакет-мерки на Владата за поддршка на економијата, а воведен поради корона-кризата.

Банките имаа рок да ги издадат до 18 јули, а граѓаните може да ги искористат најдоцна на 15 август годинава. Целта е во краток период да се пуштат во оптек поголема количина средства во економијата со купување домашни производи и услуги, а со цел поддршка за потрошувачката во кризата предизвикана од коронавирусот.

Домашна платежна картичка добија над 324 илјади граѓани, во четири категории. Првата група доби домашна платежна картичка во вредност од 9.000 денари, каде што спаѓаат лица со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа, кои во минатата година немале поголеми приходи од 180 илјади денари, или годинава од јануари до април не повеќе од 60 илјади денари според податоците на УЈП. Во оваа група се опфатени над 114 илјади граѓани.

Во втората група се околу 117 илјади лица кои добиваат по 3.000 денари, односно граѓани кои се во работен однос, но чии примања во првите четири месеци не надминуваат 60 илјади денари. Оваа категорија дополнително доби и ваучер за туризам, кој веќе почна да се користи.

Во третата група се младите од 16 до 29 години кои се дел од државното образование и кои добија финансиска поддршка по 3.000 денари, а четвртата група ја сочинуваат здравствените работници со поддршка од 40 отсто од последната нето-плата.

Картичките ги издаваат девет банки, а тоа го почнаа од почетокот на јуни. Некои од нив ги испраќаа до домашна адреса, а дел ги информираа граѓаните кога им е изготвена картичката за во одреден ден во одредена локација да отидат и да ја подигнат, со цел да не се создава метеж во експозитурите и да се заштити здравјето на граѓаите и на вработените.

Речиси сите приговори за домашната платежна картичка се проверени и прифатени се вкупно 18 отсто или 8.330 приговори, објави вчера, министерката за финансии Нина Ангеловска. Тие се додадени на списоците кои ги има на kupuvamdomasno.gov.mk, а банките биле известени и веќе ги печатат картичките.

„Од над 60.000 пристигнати маил пораки, 46.000 се приговори од граѓани кои сметале дека ги исполнуваат условите согласно поставените критериуми во групата. По извршените проверки прифатени се вкупно 8.330 приговори, или 4.893 млади лица 16 до 29 години, 752 невработени лица со низок доход и 2.685 вработени лица со низок доход, вели Ангеловска.

Додава дека за проверка остануваат уште 245 приговори од страна на Министерството за образование и наука и 506 приговори од Фондот за здравствено осигурување, кои треба наскоро да се завршат и усвоените приговори да се дадат за изработка на картички на банките.

Од Министерството за финансии велат дека сите кои ги исполнуваат условите од новите приговори, ќе имаат одговори следната недела. Уверуваат дека нема да има никаков проблем картичките на новите дополнително да се испечатат.