Годинава ја почнуваме со нова инвестиција од Северна Америка, што ќе биде лоцирана во ТИРЗ Штип. Новата инвестиција ќе донесе близу 2 000 нови работни места, а почетокот на производството е планирано за крајот на 2023 година, вели во интервју за МИА директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.

Деспотовски најавува дека деталите за американската инвестиција ќе бидат соопштени за десетина дена, и од менаџментот на компанијата и од Владата.

-Секако, не застануваме тука. Веќе година дена работиме на преговори со американско – тајванска компанија, каде во конкуренцијата се соседна Србија, но и НР Кина. Очекувам дека за еден – два месеца ќе имаме добри вести и ќе ја имаме следната најголема инвестиција во постоењето на ТИРЗ, овојпат над 200 милиони евра и близу 4 000 нови работни места, истакнува директорот.

Тој открива и дека има преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3.