Девет земји најавија дека ќе учествуваат во формирањето нова меѓународна банка за одбрана, чија цел ќе биде полесно финансирање на вооружувањето и зајакнување на одбранбените капацитети на сојузничките држави.
Канадскиот премиер Марк Карни на самитот на НАТО во Анкара соопшти дека Албанија, Белгија, Грција, Латвија, Луксембург, Романија, Турција и Украина ја поддржале иницијативата за основање на Банката за одбрана, безбедност и отпорност, позната како DSRB. Седиштето на институцијата треба да биде во Канада.
Засега, меѓу земјите основачи нема други големи членки на Г7, освен Канада, што може да влијае врз финансискиот капацитет на новата банка. Сепак, канадската министерка за надворешни работи Анита Ананд изјави дека институцијата ќе остане отворена и за други земји кои би сакале да се приклучат.
Според аналитичарот Линус Терхорст од британскиот одбранбен институт „Ројал Јунајтед Сервисис Институт“, проектот може да заживее и со постојните обврски, иако веројатно се очекувала поголема поддршка од водечките европски земји.
Планот е преку банката да се обезбедат до 100 милијарди британски фунти, односно околу 134 милијарди долари, поволно финансирање за потребите на одбраната и безбедноста.
Карни оцени дека новата банка ќе ги поттикне инвестициите, ќе ја зајакне одбранбената индустрија и ќе им помогне на Канада и нејзините сојузници да одговорат на предизвиците во, како што рече, сè поопасен и поделен свет.
Иницијативата доаѓа во период кога членките на НАТО и нивните партнери се соочуваат со зголемени потреби за вложувања во одбраната, поради војната во Украина, тензиите со Русија и загриженоста од военото јакнење на Кина. Лидерите на НАТО во јуни 2025 година се согласија до 2035 година да издвојуваат пет проценти од БДП за инвестиции поврзани со одбраната и безбедноста.