Девизните резерви на Народната банка на Република Северна Македонија на крајот на јуни изнесувале 4,15 милијарди евра, што претставува раст од околу два отсто во споредба со истиот месец минатата година, кога изнесувале 4,07 милијарди евра.
Сепак, на месечно ниво е забележано намалување. Во однос на мај, девизните резерви во јуни се намалиле за 4,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка.
Вкупните меѓународни резерви на крајот на јуни изнесувале 4,94 милијарди евра, наспроти 5,21 милијарда евра во мај и 4,70 милијарди евра во јуни минатата година.
Од вкупните девизни резерви, 511,5 милиони евра биле во валути и депозити, додека 3,64 милијарди евра биле вложени во хартии од вредност.
Вредноста на монетарното злато во јуни изнесувала 780,5 милиони евра, што е повеќе во споредба со 620,55 милиони евра во истиот период минатата година, но помалку од 863,44 милиони евра регистрирани во мај.