До крајот на мај, граѓаните на своите сметки ќе добијат поврат на средствата од Данокот на додадена вредност за сметките од производите кои ги купиле во првите три месеци од оваа година. Од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“ информираат дека нема никакво доцнење во исплатата на паричните средства од МојДДВ за првото тримесечје од 2021 година, односно за јануари – март 2021 година. Од достапните податоци на Управата, може да види дека во последното тримесечје од 2020 година, биле скенирани над 67,2 милиони фискални сметки, а вкупниот промет бил 33.398.562.346,00 денари. Со тоа на граѓаните на почетокот на февруари годинава, им биле вратени околу 382 милиони денари, или околу 6,1 милиони евра.

-Согласно член 8 од Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица ,,враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка на физичкото лице, по службена должност од страна на УЈП, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка. Исплатата на паричните средства од МојДДВ  започнува по обработка на податоците,  на почетокот на месецот или во текот на месецот, но секако завршува во рокот определен со Законот – посочуваат од Управата. 

Како една од првите оперативни мерки предвидени во четвртиот пакет антикризни мерки, македонските граѓани лани во октомври првпат добија „Викенд без ДДВ“. За таа цел, беа направени и законски измени кои беа изгласани во Парламентот.