Медиумите шират стравови за потенцијална инфлација и ценовен шок во Македонската економија.

Ајде да фрлиме објективна мисла врз темава и да појасниме дали стравувањата за инфлација се основани или не.

Што е инфлација?

Инфлацијата е две работи:

  • Зголемување на цените на сите добра и услуги
  • Континуирано во подолг временски период

 

Може да се зборува за инфлација кога имаме зголемување на СИТЕ а не само на одредена категорија на цени во потрошувачкиот индекс. Зголемувањето само на извесни цени не претставува инфлација.

Може да се зборува за инфлација кога генералното зголемување на цените се одвива подолг временски период, речиси без прекини. Тримесечно зголемување на цените не може да биде окарактеризирано како инфлација. Ниту шестмесечното. Можеме да зборуваме за инфлација ако имаме континурано зголемување на сите цени, барем во последните една или две години.

Зошто е потребна ваквата дефиниција?

Поради тоа што е битно да се разликува меѓу инфлација на страната на побарувачката (demand side inflation) и инфлација на страната на понудата (supply side inflation).

Токму одовде тврдам дека стравувањата за инфлација не се основани, а ова ќе го видиме и со практични пример.

Оние што следат светски финансиски пазари можат да се сетат на паниката што настана поради зголемување на цената на дрвената граѓа оваа пролет. Бидејќи граѓата е енергенс, се стравуваше дека вртоглавиот раст на неговата цена би предизвикало ценовна спирала и пораст на трошоците за производство.

Ете што се случи со цената на фјучерсите за граѓа само неколку месеци после тие иницијални стравувања и медиумски Армагедони:

 

Ова го нарекуваме инфлација?

Ајде да земеме и уште еден пример:

Гледаме слично сценарио и кај железната руда, уште еден битен енергенс.

И кај двата примери гледаме дека стравовите на инфлација иако широко распостранети во извесен период, сепак не беа основани.

Ова што го сведочиме тука не е инфлација туку шок на страната на понудата.

Што го предизвикува тој шок на страната на понудата?

Затварањето на економиите поради КОВИД пандемијата. За жал ова се случува кога бирократи се задолжени за националните економии ширум светот – невини луѓе страдаат.

Сум рекол повеќе пати претходно – економијата не е машина што можеш да ја исклучиш и уклучиш со притискање на копче и да очекуваш дека капацитетите и потрошувачката повторно ќе се вратат на линијата на тренд од претходно.

Што всушност го предизвикува тој шок на понудата?

Синџир на набавки. Циклусите во инвентар.

Да земеме класичен пример.

Мал супермаркет забележува пад на побарувачката, најверојатно предизвикан од прогласувањето на карантин. Ситуацијата продолжува а супермаркетот е полека приморан да направи прилагодувања. Го известува големопродажниот магазин дека ќе нарачува помалку.

Еден, два три супермаркети му носат иста вест на големопродавачот така што и тој е принуден да направи прилагодувања и да ги намали своите порачки од производителот. И производителот е набргу во истото сценарио и е присилен да го дескалира своето производство и да отпушта вработени.

Се забележува ненадеен скок на побарувачката поради некакви ваучери на Министерството за Економија. Бизнисите не можат да одговорат инстантно поради природата на синџирите на набавка. Најпрвин малите бизниси забележуваат дека не можат да си го пополнат инвентарот. Ова го поистоветуваат со логистички препреки и на база на тоа ги зголемуваат порачките, надевајќи се дека при поголема нарачка, барем дел од неа ќе успее да стигне.

Големопродавачите наскоро се соочуваат со слично сценарио и одговараат на сличен начин, што уште повеќе допридонесува до уште поголеми транспортни проблеми и уште повеќе затнувања. На проблемот придодава и Кoвид неизвесноста, што ги присилува продавачите да прават уште поголеми набавки одеднаш, за недај боже, а и граѓаните да натрупуваат залихи во очекување на некаква инфлаторна спирала. Со тоа уште повеќе го зголемуваат притисокот врз транспортниот систем и предизвикуваат затнувања.

Ова се нарекува шок на страната на понудата – дисбаланс во нивоата на инвентар кај учесниците во синџирот на набавки – мало продавачи, големопродавачи и производители.

Oва можеме да го видиме уште посликовито преку пример со една од најнеопходните суровини – кафето:

Сурови стоки како што се кафе, какао, памук се транспортирани со контејнери. Периодов имаме нерамнотежа во транспортните капацитети поради затварањата на економиите а веќе објаснив погоре дека економијата не а машина што можеш да ја вратиш во првобитната состојба на тренд со притискање на копче – еднаш кога си ги смалил капацитетите, потребно е време повторно да ги надоградиш. Во случајот на кафето, стана поскапо да се транспортира кафе сега, отколку било кога во изминатите десет години. Сум рекол на повеќе наврати, пандемијата ќе заврши, но економските рамификации допрва ќе почнат.

 

Зошто правам разграничување меѓу ваква инфлација и онаква инфлација?

Текстот погоре го почнав со образложување на двата видови на инфлација за да понатаму посочам дека она со кое се соочува Македонската економија деновиве не е инфлација туку шок на страната на понудата предизвикан од неурамнотежен циклус на инвентари и транспортни капацитети поради несмасното затварање на економиите.

Ако имавме од другата инфлација, инфлација на страната на побарувачката, ова би било повод за славење. Го велам ова бидејќи инфлацијата, вистинската инфлација е секогаш и секаде монетарен феномен, како што има речено Американскиот економист Милтон Фридман. Монетарната инфлација би била широка инфлација, според дефиницијата погоре а ова би значело подгреана економија, широк оптег на пари, оптимистички очекувања што доведуваат до инвестициони активности, токму тоа што и е потребно на нашата економија.

Значи, не треба да стравуваме за инфлација бидејќи сеуште сме далеку од онаа инфлација што вистински ни е потребна. Напротив, живееме во дефлациона средина веќе подолго време.

Токму затоа муабетите на Народна банка дека има контрола врз инфлацијата се беспредметни бидејќи немаме инфлација во права смисла на зборот.

Ова е битен момент бидејќи Народна банка може се обиде да ја искористи ситуацијата за да заработи политички поени – Гледајте, предизвикавме (монетарна) инфлација, значи водиме успешна монетарна политика за да после тоа си препише и дополнителни политички поени со некакви си мерки за контрола на инфлацијата што вистински ја немаме.

За жал, огромна бројка на луѓе ќе ги осетат последиците од ценовниот шок. Но она што исто претставува уште поголем ризик по економијата е да централната банка воведе мерки за контрола на инфлација што не постои.

 

Пишува: Блаже Аризанов