За време на својот прв мандат, американскиот претседател Барак Обама, во екот на Големата Финансиска Криза од 2008 година, која патем речено, беше најголемата економска криза која ја погодила САД и остатокот од светот со најсилен интензитет од Големата рецесија од крајот на 1920-тите, дојде до еден помалку неочекуван настан.

Имено, најголемите американски рејтинг агенции излегоа со оценка и намалување на кредитниот рејтинг на Соединетите Американски Држави. Да, основани и етаблирани во САД, овие агенции кои го одредуваат кредитниот рејтинг, но и судбина на многу земји во светот, поради радикалните финансиско-монетарни мерки кои ги превзеде нивната влада и ФЕД, го паднаа кредитниот рејтинг на сопствената земја, дадоа мислење дека е нивната економија е поризична за кредитирање и ги подигнаа воопшто цените и каматите кои требаше да ги плаќа нивната домицилна земја доколку сака ( а мора ) да се позајмува на меѓународниот пазар за капитал.

Овој факт беше земен како највисок степен на објективност и професионалност во финансиските и банкарските кругови и беше прогласен како doing business the right way – the American way! Што во суштина беше точно.

Но набрзо, излезе со изјава претседателот на САД, Барак Обама кој ги „шлапна“ нивните рејтинг агенции без нараквици со следната изјава : “ Без разлика што некои агенции или фирми ќе кажат или изјават за нас ( економијата, управувањето и финансискиот систем на САД м.з. ) – ние бевме, сме и уште долго ќе бидеме земја со највисок ААА рејтинг “.

Овие зборови беа пророчки и точни, како пред скоро една деценија, така и денес. Американската беспрекорност во водењето бизнис, можеме да ја проследиме и со најновите потези на администрацијата на Трамп ( кој иако според многумина е фрик и чудак, десничар и популист – во делот на економијата испорачува одлучни и одлични резултати и акции и нуди раст на севкупната економија на САД незабележан со децении ), а може да ја проследиме и со најновите , денешни, новини кои Амазон ( најголемиот светски продавач на мало ) им ги спреми на своите француски соработници.

Имено, во трката за полнење на се попразниот француски буџет и покривање на се поголемиот дефицит, занемарувајќи ги сите тешки милијарди долари фрлени во истражување и развој на американските техонлошки гиганти, француската влада без да земе во предвид било какви аргументи на другата страна, реши да наметне данок од 3% на технолошкиот сектор кој оперира во нивната земја – сосема произволно.

Оттука, според мене, се сосема логични новите решенија на Амазон, овој данок да го “префрли“ на нивните француски соработници, притоа не менувајќи го својот бизнис модел, а ни профитна маргина.

Европејците повторно останаа со кратки ракави. Тие ќе имаат поголеми приливи во буџетот, сосема нормално, но овие пари нема да дојдат од американските технолошки гиганти, туку од нивните граѓани и бизниси. Сосема логична и бизнис-издржана разрешница.

Повторно се виде, иновативноста и остроумноста на американскиот бизнис, од кој само може да учи цел свет.

Зошто сметам дека овој чекор е оправдан? Затоа што илјадници милијарди долари во инвестиции во истражување и развој во софтвер и технологија, како и децении макотрпна работа и освојување на странски пазари на американскиот дигитален сектор, не можат едноставно да бидат “избришани“ со бирократска одлука на бирократска Европа, па макар била и Франција….

Што можеме ние да научиме?

Многу ! Но за жал, нашата економија а и претприемнички карактер не се многу сензитивни кон нови знаења, а нема ни изградно абсопционен систем за учење на севкупниот систем. Нашите креатори на политики, особено економски, каскаат зад трендот со децении најчесто. Никој не го штити нашето производство и било каков продуктивен сектор. Ние имаме разни министерства, кои за жал не служат за креирање на поволни за нас политики, туку служат за вдомување партиски кадри, неинвентивни креатури кои не гледаат подалеку од 1-ви кога треба да дојде платат на трансакциска сметка. Нашите луѓе, кои се платени за тоа, без користење на своја глава , воопшто, сервилно и робски – безпоговорно – ги прифаќаат бизнис решенијата на странските компании, кои го скршија ’рбетот на ,ионака, слабата македонска економија и го расчистија пазарниот простор само за нивни компании. Нашето водство во децениски континуитет поради неспособност и неписменост ја анулира македонската економија во многу сектори. Неусогласеноста на политиките ( царински, монетарни, финансиски, економски и развојни ) не донесе до најниското скалило по сиромаштија во Европа и го направи своето население роб во странските корпорации – но во својата земја. Ретко е видена ваква економска апокалипса и неспособност во водењето на домашната економија и домашните фирми било каде во светот.

Што треба и можеме да направиме? Можеме да учиме… Да ги земеме добрите светски пракси, да поставиме прави луѓе на прави места во економско-финансискиот сектор. Не може овој сектор да фунционира по партиско-етничко-рамковен клуч, без никаква одговорност на партиципиентите. Затоа сметам дека треба многу да учиме и да почнеме да ја враќаме разрушената економија. Но не на наш автохтонен, произволен и аматерски начин… Туку на проверен, трендовски и логичен начин…. Во спротивно ќе продолжеме уште да тонеме и да ги предаваме ресурсите на странските “инвеститори“.

Треба да се научиме да ја водиме економијата во интерес на нашите граѓани и нашите фирми… Треба да ја водиме економијата на правилниот начин, на американскиот начин !

 

Наум Димитровски